Утрински Весник
Македонија

Муцунски на состанок на групата „Пријатели на Западен Балкан“ 

Img 1237.jpeg

Министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, вчера во Виена учествуваше на состанокот на неформалната група „Пријатели на Западен Балкан”, одржан на покана на австриската министерка за европска и меѓународна политика, Беате Мајнл-Рајзингер.

На состанокот учествуваа министрите за надворешни работи на земјите членки на ЕУ кои се дел од групата „Пријатели на Западен Балкан” – Австрија, Чешка, Грција, Италија, Словачка, Словенија и Хрватска – министрите за надворешни работи на земјите од регионот, како и високата претставничка на Европската унија за надворешни работи и безбедносна политика, Каја Калас.

Состанокот беше поделен во две тематски целини: работна сесија посветена на „Приоритетите во интеграцијата на Западен Балкан во ЕУ” и работна вечера на тема „Енергетика, безбедност и интеграција во ЕУ”.

Во своето обраќање, министерот Муцунски ја истакна силната заложба на Северна Македонија за забрзување на пристапниот процес и продлабочување на политичкиот дијалог и практичната соработка со Европската унија во рамките на фазната интеграција. Тој нагласи дека процесот веќе носи конкретни резултати за граѓаните и економиите, преку спроведувањето на Планот за раст, забрзувањето на трговијата со „Зелените ленти”, приклучувањето кон SEPA и други иницијативи.

Министерот уште еднаш ја подвлече неопходноста од обезбедување предвидлива и кредибилна европска перспектива за Северна Македонија и регионот, истакнувајќи ја цврстата посветеност на државата кон Европскиот пат преку спроведување на реформите, високата усогласеност со заедничката надворешна и безбедносна политика на ЕУ, континуираниот придонес кон европската безбедност и поддршката за Украина. Тој оцени дека овие резултати ја потврдуваат зрелоста на земјата како доверлив и предвидлив партнер на Унијата. Воедно укажа дека политичките блокади кои не се засноваат на европските критериуми го поткопуваат кредибилитетот на проширувањето и се спротивни на основите на европскиот проект.

Муцунски истакна дека е неопходно суштинско забрзување на процесот преку подобра синхронизација на пристапните преговори со фазната интеграција, поинтензивно вклучување на кандидатите во секторски политики на Унијата и намалување на административните бариери. Тој оцени дека комуникацијата со европската јавност мора значително да се подобри, особено во делот на информирањето за придобивките од проширувањето и неговата важност како инвестиција во заедничката безбедност, економскиот раст и долгорочната стабилност.

Во делот на енергетските теми, министерот ја нагласи важноста од заеднички пристап кон енергетската безбедност, диверзификација на изворите, пристап до обновливи енергии и подлабока интеграција на земјите од регионот во европскиот енергетски пазар, посочувајќи дека ова е клучно за економската конкурентност и стратешката отпорност на континентот.

Можете да прочитате

Филипче промовираше Антикорупциски тим на СДСМ: Нова сила против криминалните шеми на ВМРО-ДПМНЕ

ВМРО-ДПМНЕ: СДС со соопштението „Мицкоски најавува избори“, покажува дека се плаши од соочување со народот

Кривична за директорка на средно училиште во Делчево, доставила фалсификуван тест за познавање на аглиски јазик од Бугарија