Утрински Весник
Македонија

Муцунски: Борбата за јазикот и писменоста е борба за душата на народот и македонскиот идентитет

Муцунски: Борбата за јазикот и писменоста е борба за душата на народот и македонскиот идентитет

Со рецитирање на „Тешкото“ и „Везилка“ како стихови на еден од великаните на современата македонска историја, учениците од основното училиште „Блаже Конески“ денеска го отворија настанот што се организира во рамките на одбележувањето на Меѓународниот ден на мајчиниот јазик, кој со поддршка на УНЕСКО се одржува на 21 февруари секоја година.

dobivaj vesti na viber

На настанот свое обраќање имаше градоначалникот Тимчо Муцунски, кој им се заблагодари на учениците и наставниот кадар за придонесот што тие го даваат за чување и негување на македонскиот јазик.

„Јазикот е духовна татковина и комуникациски код преку кој ја изразуваме својата посебност – почитта кон својот мајчин јазик е почит кон традицијата и кон предците што го зачувале јазикот. Преку јазикот на автентичен начин им го пренесуваме на идните поколенија она што сме го наследиле од нашите предци. Оттука, борбата за јазикот и писменоста е борба за душата на народот“, истакна Муцунски.

Освен Муцунски, свои обраќања и посвети кон важноста од обележување на Денот на мајчиниот јазик имаа директорката на училиштето, Виолета Ристовска, одделенскиот наставник и добитникот на наградата „13 Ноември“, Јадранка Клисарова, Снежана Петрова-Џамбазова од Институтот за македонски јазик и Татјана Димовска-Атанасова од „Арс ламина“.

Како дел од активностите за одбележување на Меѓународниот ден беа презентирани и наградените стихотворби напишани од учениците на општинскиот конкурс на темата „Јазикот на мојот дедо и прадедо“. Во стилот на Блаже Конески и другите македонски писатели тие ги рецитираа творбите посветени на важноста од зачувувањето на писменоста, делата на нашите предци и посебноста на македонскиот јазик, народ и идентитет.

Можете да прочитате

(Видео) Груевски го гледаше ракометниот натпревар Македонија – Турција

Снегот предизвика хаос: Прекини на струја и блокирани патишта во Битола

Тотален колапс на македонските патишта по денешниот снег