
Венецијанската комисија на Советот на Европа даде позитивно мислење за Предлог законот за јавно обвинителство и за Предлог законот за Советот на јавните обвинители
Денес, во Венеција, се одржа 114-та пленарна сесија на Европската комисија за демократија преку право – Венецијанска комисија при Советот на Европа, на која беше усвоено Заедничкото мислење за Предлог законот за јавно обвинителство и за Предлог законот за Советот на јавните обвинители на Република Северна Македонија.
Во усвоеното мислење, Комисијата даде позитивна оцена за процесот и содржината на изработените закони, поздравени се реформските напори на Министерството за правда. Укажано е дека во двата предлог-закона се запазени меѓународните стандарди и имплементирани сите препораки. Дадени се и неколку дополнителни сугестии во насока на подобрување на законските текстови.
Со ова, се потврдува дека законите се целосно усогласени со европските принципи за професионалност и ефикасност на јавното обвинителство, како и со стандардите за транспарентно и одговорно функционирање на Советот на јавните обвинители.
На пленарната сесија, во име на Министерството за правда, свое обраќање имаше проф. д-р Александра Деаноска Трендафилова, како претседател на Работната група која ги подготви двата закона.
Министерството за правда ќе продолжи посветено да работи на спроведување на препораките, на унапредување на правосудните институции и на јакнење на владеењето на правото во Република Северна Македонија.
Ова позитивно мислење претставува важна потврда на нашата европска определба, на транспарентниот и инклузивен пристап што го применуваме во процесот на реформирање на правосудството и на заложбата за градење правен систем кој ги одразува највисоките стандарди на демократија, правда и интегритет.
Двата закона се дел од Реформската агенда на Европската унија со рок до декември 2025 година.