
Според министерот за внатрешни, Тошковски, целта на системот ,,Сејф Сити” е да започне од 1 јануари и да се провери системот и јавноста подобро да се запознае со начинот на неговата работа, сепак тој размилува за едномесечно одложување на датумот за стартување на системот.
„Целта е во текот на оваа недела да се разгледаат сите неправилности да се сменат сите законски процеси, за кои има предлог-решенија. Чекавме реакција од системот и јавноста, за да можеме да влеземе со предлог-законските мерки во Собрание. Има опција почетокот да биде на 1 јануари или 1 февруари, но не сакаме да избрзаме со решението, затоа можеби и ќе продолжиме да тестираме уште месец дена за суштински да го провериме системот и за граѓаните да можат подобро да се запознаат“, вели Тошковски.
Министерот додаде дека планот е „Сејф сити“ да биде имплементиран на територија на целата држава и појасни дека уште не е конечна листата на прекршоци што ќе се санкционираат.
Засега, камерите на „Безбеден град“ се поставени на територија на Скопје, Тетово, Куманово, како и на коридорите 8 и 10, за каде има одредени технички проблеми и таму немало можност да се направи пробно пуштање на камерите, но во наредните неколку недели и тие камери ќе бидат подготвени за работење, велат од МВР за „Слободен печат“.

