Русија се обидува да ги натера САД да разберат дека зголеменото учество на Вашингтон во војната во Украина носи зголемени ризици, изјави рускиот заменик-министер за надворешни работи Сергеј Рјабков, пренесоа руските новински агенции.
Москва постојано се жалеше дека западната воена поддршка за Украина го продолжува конфликтот, додека постои и ризик од директен конфликт меѓу Русија и Западот.
„Испраќаме сигнали до Американците дека нивната линија на ескалација и сè подлабоко вклучување во овој конфликт е полна со страшни последици. Ризиците растат“, рече Рјабков, пренесува руската агенција Интерфакс.
Киев и Западот велат дека Русија е одговорна за каква било понатамошна ескалација откако таа неиспровоцирано ја нападна Украина на 24 февруари, окупираше дополнителни делови од украинската територија и се закани дека ќе користи нуклеарно оружје.
Рјабков рече дека нема дијалог меѓу Вашингтон и Москва, но дека „периодично се разменуваат сигнали“.
Тој не знае за контакти преку „жешката линија“ меѓу руската и американската војска воспоставена на почетокот на руската инвазија на Украина.
Американски функционер претходно во вторникот изјави за „Ројтерс“ дека специјалната линија за комуникација меѓу руската и американската војска била користена еднаш од почетокот на војната.
„Не водиме никаков дијалог со САД за прашањето за Украина бидејќи нашите позиции се радикално различни“, рече Рјабков.