Утрински Весник
Македонија

Морална одговорност во Македонија: Мислена именка, ретка птица или урбана легенда

Kekenovski.jpg

Пишува: Проф д-р Јове Кекеновски

Моралната одговорност во Македонија е нешто слично на еднорог, сите зборуваат за неа, некои тврдат дека ја виделе, а реално, никој не знае каде живее. Според народната митологија, морална одговорност треба да значи дека некој сам ќе си даде оставка кога ќе згреши, ќе се извини, па можеби дури и ќе се повлече од функција за да не и наштети на угледот на институцијата, на партијата, на граѓаните.


Сепак, кај нас оваа појава е толку ретка, што ако некој функционер поднесе оставка, ќе се појави како ударна вест со наслов: „Историски момент – политичар со совест!“, веднаш покрај веста: „Во јули падна снег“ и „Функционер се одјави од хотел и си ги плати сметките – лично, не ја употребил службената банкарска  картичка“.

Дали сте се запрашале како изгледа морална одговорност кај нас? Отприлика вака: Се случува голем скандал (пример со Претседателката на ДКСК; Градоначалникот на Чаир со бројните злоупотреби и дивоградби; како оние поранешните високи функционери на кои им изгореа живи луѓе во болница; функционери кои го предадоа и понижија народот; функционери чии блиски со украдени пари купија имоти за десет идни генерации, судии кои намерно чуваа предмети во фиока и многу други такви како нив), Јавноста бурно реагира и бара: „Оставка!“. а виновникот бесрамно вели: „Ќе ја почекаме истрагата, јас сум чист како солза. Ме местат…“.         

Поминуваат 7-8 месеци, народот заборава, а тој цело време си зема плата, па можно е да се случи и негово унапредување и нормално застарување на делото, Или поедноставно кажано во Македонија, моралната одговорност ја има истата судбина како безбедносната камера кога ќе треба да фати кој украл: била тука, ама баш тогаш не работела. Само што, за разлика од камерата, моралната одговорност не е ниту купена, ниту монтирана. Таа е еден симболички поим, украс во говорите, нешто како чоколадна декорација на евтин крем, убаво изгледа, ама не се јаде.

И додека некој службеник во Шведска си дава оставка зашто ја користел службената картичка за да си купи смоки и јогурт, кај нас функционери остануваат недопирливи и по 10 обвиненија, 5 аудио или видео снимки и на три пати украдени и лажирани избори.

Сте се запрашале ли зошто е тоа така? Одговорот е мошне едноставен: Прво: нема никакви последици. Ако никој не те казнува, зошто да се чувствуваш виновен и да поднесувап оставка!?. Второ, имаме селективна меморија. Денес е скандал, утре е селфи со Здравко Чолиќ во А1 Арената. Трето,граѓаните се исцрпени. Луѓето имаат поважни проблеми, доцни платата, заостанати сметки, инфлација, прескапи лубеници, „постојан страв од тоа дали има струја и вода во 06 сабајле или чекање таа да дојде по 20 часот“, отколку да се оптоваруваат со нечија оставка. Четврто, системот не бара отчетност. Институциите функционираат како фамилијарна фирма, битно е кој кого знае, а не што направил.

Кога некому ќе му се шепне дека треба да понесе морална одговорност најчесто фрази за неподнесување се:„Јас не чувствувам лична вина.“, „Тоа е медиумска конструкција.“, „Ќе оставиме надлежните органи да го истражат случајот.“ , „Оставката сега би значела признавање вина, а јас сум чист како солза.“ (И во позадина – голем чад од документите што некако сами се запалиле. Што да правиме неисправна и стара електрична инсталација).

Како би изгледала евентуална морална одговорност во Република Македонија?. Замислете сценарио: Министерот прави грешка, на пример, направил тендер за автобуси што нема каде да возат. Следниот ден сам излегува пред медиумите и вели: „Сметам дека сум одговорен, без разлика дали е моја директна вина или не. Јас поднесувам неотповиклива оставка.“ А народот, шокиран, со отворени усти, прашува: „Кој му го хакнал мозокот?“ „Од која партија е? Не ми е познат овој жанр.“„Да не е нова сезона од некој Netflix политички трилер?“

Кај нас, оставката се смета за облик на предавство. Несфатливо и опасно. Овде можеш да уништиш институција, да игнорираш закони, да лажеш пред камерите, да украдеш милиони евра  и да останеш на позиција со доживотен мандат. Не затоа што си незаменлив, туку затоа што сите околу тебе знаат дека ако паднеш ти, ќе падне доминото. А македонската политика не сака домино ефект, сака бетон.

Во Република Македонија, моралната одговорност е како уметничка инсталација. може да ја гледаш, да ја анализираш, ама никако не смееш да ја користиш? Не, фала. Не е функционална. Најчесто ја споменуваат во прес-конференции, дебати или колумни како оваа, а во пракса е резервирана само за „наивните“ или за тие што не успеале да си изградат заштитна мрежа од „свои луѓе“. Но, надежта умира последна. Можеби некој ден ќе имаме институции што функционираат, јавност што не заборава, и политичари што имаат грешки, ама и совест. До тогаш, моралната одговорност останува: мислена именка, романтичен идеал и хумористичка фуснота во речникот на јавниот живот.

Ние не сме наивни како оние на север што се повлекуваат од политика зошто користеле службена картичка за лични потреби. Кај нас, тоа се вика „снаодливост“, и е првата лекција што функционерите ја учат кога седнуваат во фотелја.

Одговорност? Не, фала. Имаме доволно здравствени проблеми, не ни треба уште една дијагноза. А народот? Ах, да, тој јаде и напатен. Зошто да бара морална одговорност, кога за неа не постои ниту збор во реалниот живот, освен во кампањи и реклами со ехо.

Што ни остана? Остана да си живееме вака, со политичари што ги гледаат функциите како недопирливи трофеи, не како служба. Со институции што не казнуваат, медиуми и новинари што брзо забораваат, и граѓани што полека се откажуваат од тоа да бараат барем основна култура на срам.

Моралната одговорност кај нас не е ниту мислена именка. Таа е измислена поезија, мит за во предизборни говори, бајка за мали деца и наивни интелектуалци. И сѐ додека оставката се смета за слабост, а тврдоглавоста за принцип, ќе си останеме држава во која „чест“ значи да не те фатат, а не да не згрешиш. И затоа, следниот пат кога ќе видите некој што зборува за морална одговорност, прашајте го: „Те молам кажи ми кој точно, од сите познати примери во нашата држава ја понесе таа одговорност?“. Ако ви одговори, снимете го. Ќе ви треба. Тоа ќе биде документарец за сериозна награда.

П. С. Од 1990 година па се досега јас паметам само една оставка поради морална одговорност. Се работи за поранешниот министер Антонио Пешев. Другите две беа гола фарса.

Можете да прочитате

Доаѓа нов топлотен бран, психолозите порачуваат: Се зголемува хормонот на стрес, се појавуваат раздразливост и немир

Објава на демант и јавно извинување до Петар Богојески

Јаневска: Ако се појави можност дел од образовните асистенти трајно да се вработат, со задоволство тоа ќе го прифатам