Утрински Весник
Македонија

МОН објави два повика за ангажирање на ромски образовни медијатори – по првпат и во средно образование

20250801125022 big 730x400 57 e1754047936198.webp.webp

Министерството за образование и наука и во новата учебна 2025-2026 година ќе ангажира ромски образовни медијатори, мерка со која значително се подобрува образовната поддршка за учениците Роми и е дел од заложбите за унапредување на еднаквоста и инклузивноста на националниот образовен систем.

Објавени се два јавни повика. Едниот предвидува ангажирање на 50 ромски образовни медијатори за поддршка во основното образование и овозможува континуитет на нивната активност веќе неколку години, додека другиот се објавува за првпат и предвидува ангажирање на 35 ромски образовни медијатори во средното образование, за што беше создаден правен основ со последните измени на Законот за средно образование во април годинава. Пријавувањето на сите заинтересирани e електронски преку порталот e-uslugi.mon.gov.mk и започнува утре, 1.8.2025 година, а ќе трае до 1.10.2025 година.


Министерството за образование и наука досега ги имплементираше сите образовни мерки од Акциските планови согласно Националната Стратегија за Роми 2022–2030, при што истите се правно регулирани и одржливо финансирани преку националниот буџет.

Покрај мерката за медијатори, МОН во континуитет обезбедува и 1.200 стипендии за средношколци Роми во четири категории, 150 стипендии за редовни студенти Роми од јавните и приватните високообразовни институции и универзитети, за кои, конкурсите за учебната, односно академската 2025/2026 година се веќе објавени на www.mon.gov.mk. Воедно, воведуваме и нова јавна политика за ангажирање на тутори за ученици Роми, согласно член 36 од Законот за основното образование.

Вкупните средства обезбедени за спроведување на овие јавни политики изнесуваат 50 милиони денари, што претставува речиси 47% од вкупниот државен буџет наменет за поддршка на ромската заедница, со што министерството ја потврдува својата водечка улога во спроведувањето на инклузивни и правични образовни политики.

Можете да прочитате

Меџити: Ја напуштам Владата, тргнува во битката за Чаир

Делегации на СДСМ за Илинден во Крушево, Скопје и Пелинце

На „Табановце“ се чека околу 45, на „Богородица“ околу 30 минути