Утрински Весник
Свет

Моди нема да прави компромис со интересите на земјоделците поради царините на Трамп

Modi.webp.webp

Индискиот премиер Нарендра Моди денеска изјави дека нема да прави компромис со интересите на индиските земјоделци, дури и ако „тоа доаѓа со висока цена“.

Ова беше првиот коментар на премиерот откако американскиот претседател Доналд Трамп воведе царина од 50 проценти на индиската стока увезена во Соединетите Држави.


Трамп вчера објави зголемување на царините за 25 проценти на Индија, што ја прави една од највисоките царини за увоз во САД од трговски партнер на САД.

-За нас, благосостојбата на нашите земјоделци е на прво место, рече Моди на настан во Делхи. „Индија никогаш нема да прави компромис со благосостојбата на своите земјоделци, млечни фармери и рибари. И јас лично знам дека ќе платам висока цена за тоа“, рече индискиот лидер.

Трговските разговори меѓу Индија и Соединетите Држави пропаднаа по пет рунди разговори поради несогласување околу отворањето на огромниот пазар на Индија за американски земјоделски и млечни производи и запирањето на купувањата на руска нафта од страна на Индија,. Моди не ги спомена конкретно американските тарифи или трговските разговори со САД.

-Новите тарифи, кои стапуваат на сила на 28 август, се казна за Индија за трговија со руска нафта, рече Трамп. Министерството за надворешни работи на Индија соопшти дека е „многу жално“ што САД донеле таква одлука и дека „Индија ќе преземе сите потребни чекори за да ги заштити своите национални интереси“.

„Зголемувањето на американските тарифи е нелогично“, изјави Даму Рави, шефот за економски прашања на индиското Министерство за надворешни работи, за новинарите. „Ова е привремен неуспех, привремен проблем со кој ќе се соочи земјата, но сме уверени дека со текот на времето светот ќе најде решенија“, додаде тој.

Индија сигнализираше дека можеби ќе треба да разгледа други партнерства во наредните месеци во светлината на тарифите што ги наметна Трамп, кои резултираа со најлошиот дипломатски судир меѓу двете земји во последниве години.

Се очекува САД да објават слични тарифи за Кина, најголемиот купувач на руска нафта.

Моди се подготвува за својата прва посета на Кина по повеќе од седум години, што укажува на потенцијално прегрупирање на сојузите поради влошувањето на односите со Вашингтон.

Во меѓувреме, бразилскиот претседател Луиз Инасио Лула да Силва вчера изјави дека има намера да отвори дискусија во рамките на групата БРИКС (водечки економии во развој, основани од Бразил, Русија, Индија и Кина и Јужна Африка) за тоа како земјите-членки би можеле да се справат со царините на Трамп.

Лула изјави дека планира денеска да се јави кај Моди, како и кај кинескиот лидер Си Џинпинг. Даму Рави рече дека „земјите со слични размислувања ќе бараат соработка и економски ангажман што ќе биде заемно корисен за сите нив“.

Можете да прочитате

„Лекари без граници“ повикуваат итно да се затвори Хуманитарната фондација за Газа

Фидан и Лавров разговараа за преговорите меѓу Русија и Украина

Земјотрес со јачина од 5,9 степени според Рихтер скала го погоди Тајван