Министерството за надворешни работи на Молдавија соопшти дека ја информирало Русија дека 45 вработени од нејзината амбасада во Кишњев ќе бидат протерани поради „непријателски дејствија“ против Молдавија, што е уште еден знак за влошување на односите меѓу двете земји во време на руската војна против Украина, оценуваат медиумите во написите.
Министерството наведува дека одлуката е заснована на бројни непријателски дејствија против Молдавија, кои не се поврзани со дипломатски работи, како и обиди за дестабилизација на земјата.
Одлуката за намалување на бројот на дипломати и административно-технички персонал доаѓа неколку дена откако два локални медиуми објавија заедничка истрага во која тврдат дека десетици сателитски антени поставени на покривот на руската амбасада може да се користат за шпионирање.
Рускиот амбасадор во Молдавија денеска е повикан на разговор по објавувањето на веста, додека Москва има рок до 15 август да ја исполни одлуката, соопшти Министерството. Ќе бидат погодени вкупно 22 дипломати и 23 членови на административниот персонал.
Портпаролот на владата на Молдавија, Данијел Волда, на денешната прес-конференција изјави дека ограничувањето на бројот на руски дипломати „создава ситуација во која помал број луѓе ќе имаат можност да ја дестабилизираа земјата“.
„Во услови кога вработените не се вклучени во подобрување на билатералните односи, станува очигледно дека нивното дипломатско и административно-техничко застапување е непотребно“, рече тој.
Портпаролката на руското Министерство за надворешни работи Марија Захарова на денешната прес-конференција овој потег го нарече „уште еден чекор во колапсот на билатералните односи“ и додаде дека „неоправданите и непријателски дејствија нема да останат без одговор“.
Откако Русија ја нападна Украина во февруари 2022 година, властите во Молдавија ја обвинуваат Москва дека се обидува да ја дестабилизира земјата.