Утрински Весник
Македонија
Img 7972

Мобилна апликација „Глас против корупција” за анонимно пријавување коруптивни случаи

20251009125546 big 730x400 98.webp.webp
Img 7972

Со некаков облик на корупција, најчесто во образованието – од поткуп за оценки до купување дипломи, се соочиле 54 отсто од младите опфатени со истражување чии наоди денеска беа презентирани на финалниот настан од проектот „Зајакнување на младите во Северна Македонија: клучна алка во градење општество без корупција“ што го спроведува Аналитика тинк тенк во партнерство со Организација на жени од Струмица и Иницијатива за граѓанска интеграција (ИГИ) – Гостивар.

Од анкетираните млади, 51 отсто би пријавиле корупција ако постојат безбедни и доверливи механизми, што значи дека тие сакаат промени и бараат алатки за да дејствуваат – беше посочено на  настанот што го организираше „Аналитика тинк тенк“ со поддршка од ZIVIK Funding Programme и Германското Сојузно Министерство за надворешни работи.


Проектот опфатил теренско испитување на околу 500 млади од 16 до 29 години (од средни училишта и од факултети) од три плански региони – Скопскиот, Полошкиот и Југоисточниот регион, односно градовите Скопје, Гостивар и Струмица.

Според наодите, младите јасно ја идентификуваат корупцијата како системски проблем: најмалку доверба имаат во судството, политичките партии и администрацијата. Само 8 проценти веруваат дека институциите навистина се борат против корупцијата, 69,6 отсто признале дека корупцијата ги демотивира и ја урива вербата во трудот и знаењето, а 70 проценти сметаат дека темата за корупција речиси и не постои во наставата.

Истражувањето покажало дека младите се подготвени да бидат дел од решението затоа што половина од нив би пријавиле корупција доколку постојат безбедни и доверливи механизми. Оттаму пораката на организаторите дека „младите не се проблемот, тие се решението“ и оти е време „институциите да им дадат вистински простор, поддршка и сигурни механизми за нивниот глас да се слушне“.

Токму затоа, во рамките на проектот е развиена мобилна апликација „Глас против корупција” која им овозможува на младите полесно да препознаваат и пријавуваат случаи на корупција. Таа нуди практични совети, информации и можност за анонимно пријавување.

Маја Христовска од „Аналитика тинк тенк“ изјави дека проектот се имплементирал шест месеци со цел да ја подигне свесноста меѓу младите за штетните влијанија и последици од корупцијата.

– Горди сме што овој проект ни овозможи да креираме и да пуштиме во употреба мобилна апликација која овозможува анонимно пријавување на корупција, но содржи и едукативни материјали кои младите можат да ги користат во нивниот формален или неформален образовен систем – рече Христовска.

Анета Филипоска од ИГИ-Гостивар, партнер во проектот, рече дека охрабрувачки е фактотот што половина од анкетираните млади изјавиле дека би пријавиле корупција.

– Токму затоа е креирана апликацијата, со директни линкови до Антикорупциската комисија и пријавувањето е анонимно. Таа е активна од денеска, се надеваме дека ќе биде функционална – додаде Филипоска.

Во воведно обраќање Милка Тримчевска, директорка на Бирото за развој на образованието, го поздрави проектот и истакна дека за справување со корупцијата не се доволни закони и механизми, туку е потребно да се изгради свест затоа што „борбата со корупцијата е заедничка одговорност“.

– Став и култура на чесност – и тоа почнува со образованието. Младите луѓе не се рамнодушни кон корупцијата, тие ја препознаваат, ја осудуваат, сакаат да живеат во општерство во кое успехот се темели на знаење и труд, а не на привилегии. Но, за да можат да го направат тоа, потребна им е поддршка, насока и, секако, знаење, а тука својата улога ја има образованието и училиштата – истакна Тримчевска.

Посочи дека БРО презело насоки и затоа темите за интегритет, почитување и одговорност се дел од наставните програми (во основно во предметите Општество и Граѓанско образование, а во средно образование се застапени и во слободните изборни предмети).

– Сепак, искуството покажува дека антикорупциското образование не може да биде повремено или несистематски присутно во наставата. Тоа мора да стане континуиран процес што ги вклучува сите учесници – рече директорката на Бирото, додавајќи дека за таа цел се потребни обуки на наставниците и дополнителни образовни материјали и активности кои ќе ја направат темата разбрлива и блиска до младите.

Во рамки на спроведувањето на проектот, покрај теренското анкетирање на младите, биле организирани младински форуми и обуки што резултирало со  развој на мобилната апликација „Глас против корупција”.

Можете да прочитате

Филипче: Над 45 реализирани проекти во Росоман, поддршка за Стојан Николов за да продолжи напредокот

Екс директорот на АЕК, Орданоски, ќе биде координатор за дигитализација во Мепсо

Поднесена кривична пријава против осум физички и едно правно лице за злоупотреби во РЕК Битола со кои е стекната противправна имотна корист во висина од 106.200.000 денари