
Соопштение за јавност на СДСМ:
Карпош е нашиот дом, нашите улици, дворови, училишта, спомените од детството и надежите, порача д-р Маја Мојсова Мијовска, кандидат за градоначалничка на Карпош од СДСМ, најавувајќи визија за нов почеток и суштинска промена во начинот на функционирање на општината.
Таа нагласи дека Карпош се соочува со реални проблеми кои повеќе не смеат да се игнорираат: загаден воздух, дупки по тротоарите, диви депонии, сообраќаен метеж, темни улички, преполните паркинзи, оштетени јавни површини, недостиг на зеленило и простор за децата, нефункционална инфраструктура.
Мојсова ја претстави и својата програма за темелна трансформација на Карпош, базирана на инклузивност, транспарентност, зелена енергија, квалитетна социјална грижа и развој на младиот потенцијал.
-Реконструкција на секој кварт: нови паркови, осветлување, дрвореди, детски игралишта. Грижа за зеленилото со системски пристап. Домови на култура и центри за млади во помалите населби, подобрување на водоводната и канализациска мрежа, јавни консултации, транспарентна администрација, засилена контрола од граѓанскиот сектор, поддршка за мали бизниси и иновации се само дел од програмата, рече Мојсова.
Особено значајни проекти во програмата за Карпош се и младински културен спортско рекреативен центар, нови детски градинки во Влае, Нерези и покрај Вардар, со што ќе се стави крај на листите на чекање.
„Карпош ќе добие свое претпријатие за хигиена, паркинзи и јавен ред, со специјализирани возила и опрема, со цел чистота и уредност во секоја улица. Во најоптоварените зони , Лептокарија, Влае, Карпош 4, кај Воената болница, ќе се постават монтажни паркинг платформи со бесплатен паркинг за жителите на општината.”, порача Мојсова Мојовска.
Во програмата се и поддршката за децата и образованието со субвенции и бесплатен базен, мобилна здравствена заштита и грижа за ранливите, ангажирање на пензионерите.
„Како лекар, научив дека ништо не се решава со одложување, дека секоја криза бара знаење, брза реакција и тимска работа. Сега е време да ги споиме зборовите со дела. Да гласаме за број 5, за надеж, за доверба, за нашиот дом Карпош. Број 5 за Карпош што го сакаме”, порача Мојсова.