Утрински Весник
Македонија

МНТ со „Ничија земја“ излегува на европската сцена и ќе гостува во Националниот театар во Будимпешта

Naczionalen teatar budimpeshta 1.jpg

Во среда, на 19 ноември, Македонскиот народен театар ќе гостува на сцената на престижниот Национален театар „Nemzeti Színház“ во Будимпешта, Унгарија со наградуваната претстава „Ничија земја“.

Гостувањето е значаен исчекор во продлабочувањето на културната соработка меѓу двете институции, како резултат на Меморандумот за соработка, кој го потпишаа директорите Никола Кимовски од МНТ и Атила Видњански од Националниот театар во Будимпешта. Веќе следната година напролет, унгарскиот Национален театар ќе возврати посета со гостување во МНТ.


Во пресрет на гостувањето на МНТ во „Nemzeti Színház“, директорот Никола Кимовски потенцираше дека ова е голема чест и силна потврда за квалитетот и зрелоста на нашиот ансамбл.
„Ова гостување е повеќе од еднократен културен настан, и е ново поглавје во нашата меѓународна соработка. Унгарската публика ќе има можност да ја почувствува енергијата на „Ничија земја“, а ние со ист ентузијазам го очекуваме нивното гостување во Скопје следната година. Верувам дека ова партнерство ќе прерасне во долгорочна и продуктивна размена.“, изјави Кимовски.

Претставата„Ничија земја“ во Будимпешта ќе се одигра во 19 часот, а по изведбата ќе се одржи „Сесија разговори“ (Q&A) меѓу македонските актери и публиката. По дискусијата, Националниот театар ќе организира пригоден коктел за целата македонска екипа.

За време на посетата, директорот Кимовски ќе има и официјален прием кај директорот на „Nemzeti Színház“, Атила Видњански, за зацврстување на понатамошната соработка и развивање нови културни проекти меѓу двете институции.

Публиката во Будимпешта ќе има можност да ја погледне претставата „Ничија земја“ од Данис Тановиќ, во режија на Александар Морфов и во изведба на актерскиот ансамбл:
Сашко Коцев, Тони Михајловски, Гораст Цветковски, Александар Микиќ, Борче Начев, Оливер Митковски, Софиа Насевска-Трифуновска, Александар Михајловски, Томе Станковски, Александар Ѓорѓиески, Дамјан Цветановски, Ненад Анѓелковиќ, Никола Стефанов, Стефан Спасов, Григор Јовановски, Кристина Гиева, Филип Миленкоски, Александар Ивановски и Марија Кондовска.

Современиот театарски комплекс со кружна форма – „Nemzeti Színház“, располага со четири изведбени сцени: Голема сцена со капацитет од 619 седишта, Студио сцена – флексибилен современ простор со 150 подвижни седишта, сала за помали претстави и мал интимен сценски простор. Дополнително, театарот има и отворена сцена на брегот на Дунав, која се користи за летни и специјални настани.

Театарскиот комплекс е опкружен со градина и парк со скулптури, „театарски цитати“ – сценографски елементи и уметничко-просторни инсталации, инспирирани од историјата на театарот, хортикултурата и архитектурата. До влезот на театарот се пристапува преку мост, алузија на монументалните пристапи во традиционалните големи театри.

Плоштадот пред главниот влез на театарот изгледа како преден дел од брод што навлегува во вештачко водно корито – симболично продолжение на Дунав. Во водата пред театарот е прикажана силуетата од старата зграда на Националниот театар.

Во паркот се наоѓаат две големи просторни инсталации: лавиринт од високи живи огради и пирамидална градба – инспирирани од античките храмови и митски градби.

Можете да прочитате

Мојсоска: Власта веќе нема изговори – надзорна расправа и анкетна комисија за Кочани мора да има

ВЛЕН: Кривичниот законик повеќе не смее да служи како амнестија

10.210 сообраќајни прекршоци до сега во месец ноември, лишени од слобода 55 лицa