
Кандидатот за градоначалник од СДСМ, Сашко Митовски, на трибина во Крива Паланка побара поддршка од граѓаните за уште еден мандат, повикувајќи се на својата досегашна работа, посветеност и љубов кон градот.
„Последниве четири години беа повеќе од мандат. Секој што доаѓа во нашиот град вели: „Крива Паланка блеска! И нема запирање. Нашиот град денес е пример за уреден, изграден и развиен град кој сигурно чекори напред. Нови улици, нови фасади, модерни училишта, детски градинки, зелени паркови, поддршка за мајки, пензионери, ученици, спортисти, порача Митовски.
Тој упати и критика до своите опоненти, за кои рече, се служат со притисоци и невистини: „Некои мислат дека со лаги ќе нè победат. Дека со притисоци ќе нè скршат. Но една работа не ја разбраа: Народот не се плаши. Кривопаланчанецот не се купува. Кривопаланчанецот работи, гради и верува, порача Митовски.
Тој истакна дека неговата кандидатура не е барање за позиција, туку продолжување на започнатата работа.
„Ветувам само едно, ќе продолжам со истата љубов, со истиот жар, со иста чесност. Со работа и одговорност. Барам можност да продолжам каде што застанав.”, додаде кандидатот за градоначалник на Крива Паланка.
Митовски ја претстави својата визија за нов мандат со конкретни планови и симболична порака: Секој нов проект, секоја нова инвестиција е симбол на нашата решителност. Дајте ми можност новите улици да бидат реки на надеж, новите мостови да бидат раце што не држат заедно, а училиштата , очи и срце што чукаат за иднината.”, порача Митовски.