Интегрален текст од соопштение за јавност на ВМРО-ДПМНЕ:
„И првиот круг на претседателски избори покажа дека по 8 мај идната влада ќе ја предводи Христијан Мицкоски. Ќе биде убедлива победата која ја очекуваме и на претседателските и на парламентарните избори. Очекувам дека ќе имаме една стабилна влада која пред се на граѓаните ќе им даде предвидливост, висока трансформација на Македонија за сите оние погрешни политики кои беа направени изминативе 7 години”, истакна членот на ИК и кандидат за пратеник од ИЕ 1 од ВМРО-ДПМНЕ Марија Митева во вечерашното гостување во емисијата „Отворено” на ТВ 24.
Таа продолжи и додаде:
„Покажавме преку оваа кампања дека навистина имаме што да понудиме. Се осврнавме на сите оние најранливи точки кои се однесуваат на животот на граѓаните во Македонија, понудивме решенија за истите. Поддршката е недвосмислена, очекуваме истата да се продлабочи и зголеми на 8 мај и потоа да се формира идната влада која ќе биде предводена од ВМРО-ДПМНЕ”, вели Митева.
Таа истакна дека ВМРО-ДПМНЕ подало рака на сите политички партии за обединување.
„ВМРО-ДПМНЕ не тргува со гласот на граѓаните. Подадовме рака на сите политички партии кои сметаат дека треба да се обединиме, да има едно обединување против власта на СДС и ДУИ. Оставаме граѓаните да одлучат за кого ќе го дадат гласот. Сме убедени дека тоа ќе биде глас за професорката Гордана Силјановска Давкова и за пратеничката листа, односно сите изборни листи кои доаѓаат од ВМРО-ДПМНЕ”, рече Митева.
Таа посочи дека разликите на политиките помеѓу Гордана Силјановска Давкова и претседателот на СДС во заминување се огромни.
„Разликата помеѓу политиките кои ги има професорката Гордана Силјановска Давкова и оние кои ги има веќе во заминување претседателот на СДС се огромни. Во делот на она што значи Македонија како дел од ЕУ нема апсолутна дилема ниту во размислувањата на професорката Гордана ниту во насоките и принципите и делувањата кои ги има ВМРО-ДПМНЕ дека Македонија треба да биде членка на ЕУ, но огромна е разликата на начинот на кој СДС сака да го направи тоа и по однос на она што значи вистински европски вредности кои ние како држава треба да ги применуваме, да видиме што може да направиме дома, како може Македонија да ја развиваме, да го напуштиме криминалот и корупцијата а дури потоа да зборуваме за било што останато”, децидна е Митева.