Утрински Весник
Македонија

„Мислев дека ова е крај“: Сведок раскажа за хаосот и пожарот во „Пулс“

Whatsapp image 2025 12 02 at 09.50.27.jpeg

На денешното рочиште во предметот за трагичниот пожар во дискотеката Пулс, сведокот Стево Манасиев детално ја опиша ноќта кога избувна огнот, посочувајќи дека пиротехника се користела и во минатото, но дека клучните минути биле обележани со задоцнето предупредување и паника кај присутните.

Манасиев, кој хонорарно работел како диџеј во објектот од 2012 до 2017/2018 година, рече дека во „Пулс“ се враќал критичната вечер во два наврати. Првиот пат, околу 22:30 часот, кратко се задржал додека бендот ја местел опремата и, како што тврди, тогаш не забележал подготовка на пиротехника. Вториот пат се вратил по полноќ со пријател и две деца, влегле без купени билети, а, според неговото сеќавање, обезбедувањето ги пуштило бидејќи децата биле со родител.

Сведокот процени дека во објектот имало меѓу 500 и 600 гости. „По кратко време по нашето влегување, на одредена песна беа активирани прскалките. Мислам дека беа две. Неколку минути подоцна од првите маси му кажале на Панчо дека гори таванот“, изјави Манасиев. Според него, токму Панчо бил единствениот што преку микрофон ги повикал гостите да излезат надвор, со уверување дека паузата ќе трае десетина минути.

Манасиев нагласи дека не видел навремена реакција по активирањето на пиротехниката и дека единствениот функционален излез била главната врата. „Сите тргнаа кон истото место. Просторот беше тесен, настана метеж и целосен хаос“, рече тој. Додаде дека бил заглавен на излезот, со чувство дека ситуацијата е безизлезна. Децата ги туркал напред за да се спасат, а за сопственото извлекување нема јасно сеќавање.

Откако излегол, му се слошило од чадот и повратил пред објектот. Подоцна, заедно со сопругата заминал во Скопје, каде побарал лекарска помош – најпрво во приватна клиника, а потоа и во државна болница, каде бил хоспитализиран неколку дена. Поради тешката здравствена состојба, бил упатен на лекување во странство, каде престојувал речиси еден месец.

Одговарајќи на прашања од Обвинителството и одбраната, Манасиев потврди дека додека работел како диџеј во „Пулс“, пиротехниката ја поставувало лице од Скопје, кое го опиша како повозрасен човек, но нагласи дека тоа лице не го видел во ноќта на пожарот. Додаде дека подоцна, од видеоснимки, видел дека пожарот се обидувал да го изгасне Виктор Јорданов со противпожарен апарат.

Судењето беше проследено со тензии во судницата. Обвинителството оцени дека делови од сведочењето се разликуваат од исказите дадени во истрагата, а родителите на загинатите бурно реагираа. Мајка на едно од настраданите лица јавно изјави дека, според неа, сведокот дал невистинит исказ и најави кривична пријава.

На крајот од рочиштето, одбраната побара укинување на притворската мерка за еден од обвинетите службеници од Министерството за економија, наведувајќи дека притворот трае десет месеци и дека се понудени гаранции во значителен износ. Дел од бранителите повторно повикаа на запирање на постапката за одредени обвинети, повикувајќи се на одлуки донесени во други, поврзани предмети.

Можете да прочитате

Над 600 прекршоци констатирани на првиот ден со ,,Безбеден град”

Утре променливо облачно, во среда локални врнежи и засилен ветер

Формиран Национален совет за финансиски истраги и конфискација на имот