Утрински Весник
Балкан

Мишел: ЕУ не смее да дозволи Западниот Балкан да западне во „сива зона“

20241024212446 Big 730x400 94.webp.webp

Имајќи ги предвид најновите случувања, се уште сум апсолутно убеден, повеќе од кога било, дека кандидатите за членство во ЕУ би можеле да бидат подготвени за прием во Унијата до 2030 година, изјави претседателот на Европскиот совет, Шарл Мишел во интервју за Европската новинска редакција (ЕНР), чиј дел е и МИА.  

– Ако сакаме поголема стабилност, поголема безбедност, просперитет во иднина, не смееме да дозволиме земјите од Западниот Балкан да западнат во „сива зона“, каде некои други ќе играат игри за да ги дестабилизираат тие држави и нивните институции, да ја дестабилизираат ЕУ и да ги дестабилизираат вредностите и демократските принципи, порача Мишел. 

Тој потенцира дека би било апсурдно ако ЕУ не го забрза пристапувањето на земјите кандидати за членство, но дека тој процес не е само одговорност на Унијата. 

– Ние имаме домашна задача што мораме да ја завршиме. Затоа ја имаме Стратешката агенда за да се подготвиме за ова идно проширување, кое знаеме дека ќе има последици, вклучително и во однос на финансиската солидарност и во однос на процесот на одлучување, истакна Мишел, додавајќи дека европските лидери сепак се свесни оти ЕУ треба да се подготви за идното проширување и покрај политичките предизвици. 

Тој потенцира дека ЕУ мора да биде поагилна во остварувањето поголем напредок по однос на проширувањето, но, според него, и земјите кандидати за членство имаат свои домашни задачи и тие точно знаат што треба да направат.  

– Тие треба да се усогласат со законодавството на ЕУ, од една страна, и треба да го подобрат раководењето со борбата против корупцијата, за да бидеме сигурни дека ја споделуваме истата правна рамка, изјави Мишел. 

Претседателот на Советот на ЕУ потенцира дека тоа е она што се бара од кандидатите за членство во делот на реформите што треба да ги спроведат, но исто така, треба и да ги разрешат споровите, што претставува серозен предизвик.

– Би рекол дека веројатно најтешки се споровите, а понекогаш и најпредизвикувачки се споровите меѓу нив и некои од нашите земји членки, смета Мишел. 

Според него, овие спорови, порано или подоцна, би можеле лесно да се решат ако се гледа кон иднината и ако ЕУ биде сфатена како приоритет. 

– Потребно е да се разрешат, бидејќи тие претставуваат пречка за постигнувањето напредок, потенцира Мишел, додавајќи дека тоа е прашање на политичка волја. 

За разлика од земјите од Западниот Балкан, според него, Украина, Грузија и Молдавија се соочуваат со „некои други предизвици“, но лидерите на ЕУ направиле „визионерски избор“ кога донесоа одлука на овие три држави да им доделат кандидатски статус.  

– Нема причина да се одолговлекува. Напротив, колку повеќе одолговлекуваме, толку повеќе им дозволуваме на некои други кои немаат исти вредности, исти принципи и интереси со нас, да го искористат нашето одолговлекување за да не доведат во проблеми, вели Мишел во интревјуто за ЕНР/МИА. 

Во врска со можноста за промена на принципот на едногласност при носењето одлуки поврзани со проширувањето, Мишел вели дека преовладува мислењето дека консензусот претставува пречка во овој процес и дека тоа правило би требало да се смени. 

Тој потенцира дека повеќето од одлуките во Унијата се носат со квалификувано мнозинство, а дека принципот решавање со консензус е ограничен само на некои конкретни теми, како надворешните работи, одбраната, безбедноста…  

– Но, само сакам да предупредам, ако пребрзо одиме кон откажување од принципот на едногласност, тогаш резултатот би бил или би можел да биде дека нема да го направиме она што е потребно во градењето на заеднички позиции, смета Мишел, оценувајќи дека тоа би можело да предизвика „извесна фрустрација“ и поделби во Советот на ЕУ и тие поделба да станат „нова нормалност“ за Унијата. 

Според него, работите не се „црно-бели“ и не може да се каже дека консензусот е катастрофа, а мнозинското одлучување би било подобро мислење, тука треба да се најде некое средно решение.   

– Мислам дека треба да биде можно да се идентификуваат неколку принципи за да се овозможи правото на вето кога се загрозени или се во опасност клучните национални интереси, потенцира Мишел, додавајќи дека сепак мора да се најдат начини за да спречи злоупотреба на правото на вето.

Можете да прочитате

Физички пресметки и тензии во српскиот парламент поради трагедијата во Нови Сад

Свеќи од роденденска торта предизвикаа пожар во кафуле во Атина

Ја удрил „ситроен“, па ја прегази „бмв“: тешко повредена жена во Белград