
Денеска на маргините на саемот за воена индстрија во Истанбул – IDEF 25, министерот за одбрана Владо Мисајловски, заедно со министерот за внатрешни работи Панче Тошковски се сретна со министерот за национална одбрана на Република Турција, Јашар Ѓулер.
На средбата беше истакната долгогодишната активна одбранбена соработка базирана на заедничката визија за одржување на стабилноста и безбедноста на регионот и развојот на двете земји. Продолжуваме да го јакнеме партнерството преку размена на знаење и стручност во сите области, беше заклучено на средбата.
Министерот Мисајловски се осврна и на последната нова и софистицирана опрема која стана дел од арсеналот на Армијата – хаубиците „Боран“ од турско производство кои се дел од декларираната артилериска батерија на Лесната пешадиска баталјонска група, при што истакна дека „македонската Армија е убедена во квалитетот на турската воена индустрија “ и упати благодарност за континуираната поддршка од страна на Турција особено во развојот на армиските капацитети.
„Македонската Армија минува низ досега најинтензивен процес на модернизација и опремување, што несомнено е инвестиција во безбедноста на македонските граѓани. Посилна Армија значи и посигурна и побезбедна колективна одбрана во НАТО“, рече министерот.
Вчеравечер, во рамки на посетата на Турција и учеството на саемот за воена индустрија IDEF 25, министерот Мисајловски се сретна и со претседателот на Агенцијата за одбранбена индустрија на Турција, Халук Ѓорѓун со кого разговараше за развојот на воената индустрија и потребата од зголемени инвестиции во оваа област, како начин за зацврстување на безбедноста на сојузниците.
Турската воена индустрија е од интерес за македонската одбрана, особено имајќи предвид дека Армијата веќе се опреми со шест нови хаубици 105mm и придружна опрема од компаниите „Боран“ и „Аселасан“ кои неодамна беа промовирани на македонската јавност.