Утрински Весник
Македонија

Мисајловски: Безбедноста на граѓаните ни е на прво место, посветени сме на зајакнување на армиските капацитети

Slika 1.jpeg

Министерот за одбрана Владо Мисајловски денеска (11 ноември) на научно – стручната трибина во Домот на Армијата посветена на функционалноста на одбранбено – заштитниот систем ги потврди трите главни цели за одбраната – интензивирање на реформската агенда, вклучувајќи ја и модернизацијата на Армијата, целосно почитување на обврските на Министерството кон своите вработени и припадниците на Армијата и стабилното буџетирање на одбраната како основа за развој.

„Процесот на модернизација тече согласно сите планови. Реализираме навистина значајни проекти со кои новата, модерна, софистицирана опрема согласно највисоките стандарди на НАТО станува и наша реалност”, рече Мисајловски. Тој ги спомена проектите за модернизација како набавката на лесните оклопни возила JLTV и Stryker, системот за против-воздушна одбрана Mistral 3, артилериската опрема, одржувањето на постојната хеликоптерска флота и набавката на нови хеликоптери за Армијата.

Министерот се осврна и на вработените во Армијата и одбраната за кои рече дека „се професионалци кои ги водат најсериозните процеси во државата, додека истовремено тие се првите кои излегуваат на терен во поддршка на секој македонски граѓанин”.

Сето тоа е реалност, рече Мисајловски, затоа што буџетот е стабилен и е во нагорна линија. Најави дека и во 2025 година одбранбениот буџет ќе расте, односно да изнесува над 2 проценти од бруто-домашниот производ. Тоа, истакна министерот, значи реализација на сите зацртани планови за развој.

Во однос на реформата на системот за заштита и спасување, министерот Мисајловски порача дека одбраната е подготвена да даде целосна поддршка во овие реформи зашто „не постои позначајно нешто од сигурноста на нашите граѓани”.

„Тие [граѓаните] од нас очекуваат ефикасен, брз, добро подготвен интегриран систем за заштита и спасување и управување со кризи. Впрочем, огнените стихии со кои се соочивме изминатото лето беа доволен доказ дека нешто мораме да менуваме и тоа сега и веднаш. Да ги детектираме слабостите на системот и заеднички…да покажеме дека знаеме да ги ставиме потребите на секој еден граѓанин на прво место”, потенцираше министерот.

Можете да прочитате

1,95% ќе биде каматата за стопанството со 3 години грејс период и 15 години рок на отплата, рече Мицкоски

(Фото) Целиот состав на новиот Централен одбор на СДСМ

Трпезата за Нова година ќе биде поевтина? Се подготвува празнична потрошувачка со над 500 производи