
Американскиот претседател Доналд Трамп нема да патува во Турција за да учествува на најавените мировни преговори помеѓу Русија и Украина. Иако претходно изјави дека размислува да оди во Истанбул, оваа опција е целосно отфрлена по објавата на списокот на руската делегација во кој не фигурира рускиот претседател Владимир Путин.
Трамп појасни дека неговото евентуално присуство на преговорите било условено со директното учество на Путин. „Ако тој не дојде, нема смисла да бидам таму“, изјави кратко Трамп по објавата на Кремљ.
Од американската страна е потврдено дека делегацијата ќе ја предводи државниот секретар Марко Рубио, а во тимот ќе бидат вклучени и специјалните пратеници Стив Виткоф и Кит Келог. Вашингтон сигнализира дека и покрај отсуството на Трамп, САД остануваат ангажирани во обидите за дипломатско решение на конфликтот.
Украинскиот претседател Володомир Зеленски веќе се упати кон Турција, со намера да се сретне со турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган и да го дочека рускиот претседател. Иако сè уште нема официјална потврда од Москва за присуство на Путин, Зеленски предупреди дека неговото неучество би било силен сигнал.
„Украина ги прифати сите предлози – и оние што беа дадени јавно и оние што беа понудени во позадина. Покажавме конструктивност. Ако Путин не се појави, тоа ќе биде конечниот доказ дека Русија не сака мир“, изјави Зеленски пред два дена.
Очекувањата за напредок во мировниот процес сега се под знакот на прашање, особено по новонастанатите условувања и отсуства на клучни фигури. Сите погледи се насочени кон Истанбул и следните дипломатски чекори.