
Професорката Мирјана Најчевска објави јавно извинување откако на 18 август 2025 година преку адвокат ангажиран од Петар Богојески добила барање за извинување за својот статус на Фејсбук од 5 август, во кој го нарекла „глуп како точак“.
„Со овој пост јавно се извинувам за кажаното. Во мојот пост се употребени несоодветен речник и несоодветна споредба“, напиша Најчевска.
Таа образложува дека речникот е несоодветен затоа што не станува збор за глупост, туку за „свесен говор на омраза и поттикнување на меѓуетнички конфликт“. Како доказ посочи на јавно објавениот став на Богојески во кој постапувањето на Јавното обвинителство против навивачи што скандирале „Добар Шиптар, мртов Шиптар“ и „Гасна комора за Шиптари“ го нарекува „лов на вештерки“, како и на негови повици до младите „да не се плашат да бидат гласни“.
Во извинувањето Најчевска додава дека споредбата е несоодветна затоа што со тоа го навредила велосипедот, „кој многумина го ценат како спортски реквизит и еколошко превозно средство“.
Истовремено, таа го повикува Јавното обвинителство да испита дали постојат основи за поведување постапка против Богојески за говор на омраза и поттикнување на етнички конфликт, „особено затоа што станува збор за континуирана и систематска употреба на таков говор и навреди врз основа на етничка припадност, уверување, политичка или партиска припадност и род“.
„Уште еднаш го повторувам моето извинување што го нареков Петар Богојески глуп. Тој не е глуп, туку опасен човек за демократското општество кое го градиме и за мултикултурната заедница во Македонија базирана на почитување на различностите“, заклучува Најчевска.
Јавни настапи со навреди
Во јавните настапи на социјалните мрежи, Богојески користи речник исполнет со навреди и омаловажувања.
Во коментари на Фејсбук, тој на соговорници им се обраќал со изрази како „забегани сте“, „болни“, „шутрак“, „стока неписмена“, па дури и со прашања од типот „ти даваш ли газ за вечера“.
Тој користел навреди и на национална основа. Во една објава напишал: „Едно прашање до шиптариве, зошто не гласате за градските луѓе, писмени луѓе, изживеани луѓе со докажано минато, еснаф луѓе…имате такви ваши шиптари“.
Во друга прилика, дури изразил и желби за смрт кон дел од граѓаните: „Ајде да ве собере Бог уште малку и ќе куртули Македонија од најскапаната генерација во последните 10 века“.
Извор: Скопје1