Утрински Весник
Македонија

Миноски: Македонија има ресурси, но нема стратегија

Kiril minovski.jpg

Поранешниот министер за финансии Кирил Миноски во објава на социјалните мрежи ја анализира норвешката економска политика, посочувајќи дека успехот на оваа земја не произлегува само од природните ресурси, туку од начинот на нивното управување и од долгорочната државна стратегија.

Во својата објава, Миноски потсетува дека Норвешка, по стекнувањето независност во 1905 година, била сиромашна земја со економија заснована главно на рибарство и шумарство. Пресвртниот момент дошол во 1969 година, кога биле откриени големи резерви на нафта во Северното Море. Наместо брза експлоатација и краткорочна заработка, норвешките власти донеле одлука за силна државна контрола врз ресурсите.

Тогашниот министер за индустрија Јенс Евенсен, според Миноски, ги анализирал искуствата на земји богати со природни ресурси каде што нафтата донела корупција и политичка нестабилност, по што предложил закон со кој државата ја задржала контролата врз нафтената индустрија, а странските компании биле обврзани да споделуваат технологија и знаење.

Како дел од оваа стратегија, во 1972 година била формирана државната компанија Statoil (денес Equinor), а подоцна и Владин пензиски фонд, во кој се насочувале приходите од нафтата. Со строго правило државата да користи ограничен процент од средствата годишно, фондот со децении бележи раст и денес располага со средства вредни околу 1.600 милијарди долари.

Миноски посочува дека главната поука од норвешкиот пример е дека природните ресурси сами по себе не гарантираат просперитет. Според него, клучни се институциите, транспарентноста и политичките одлуки насочени кон долгорочен интерес.

Во објавата прави паралела и со Македонија, наведувајќи дека земјата располага со значајни јавни ресурси како вода, сонце, ветер, минерали и инфраструктура, но дека нивното управување често е без јасна стратегија и долгорочна корист за граѓаните. Тој посочува на високите загуби во водоводните системи, ограничената државна улога во обновливите извори на енергија, како и на начинот на концесионирање на минералните ресурси.

„Норвешка не стана богата поради нафтата, туку поради институции, визија и политичари што не беа мотивирани од алчност и желба за брза заработка“, наведува Миноски, поставувајќи прашање дали од тој пример може да се извлече поука и за домашните политики.

Можете да прочитате

11 возачи управувале возила без возачка дозвола и со активна забрана за управување моторно возило,од нив двајца се малолетници

Оштетен преминот на реката Блашница поради надојдена вода

Радовишанец избегал од затвор, пронајден и спроведен за доиздржување на казната