Министерството за финансии на САД објави предупредување до американските компании во врска со можното непочитување на ограничувањето на цената на извезената руска нафта, посочувајќи конкретно на нафтата извезена преку Источно-пацифичкиот сибирски гасовод (ESPO) и пристаништата во источна Русија.
Канцеларијата за контрола на странски имот (OFAC) соопшти во понеделникот дека е запознаена со извештаите дека со суровата нафта извесена преку ESPO и преку друг извоз можеби тргува за повеќе од 60 долари за барел, највисоката одобрена цена наметната од западните земји.
OFAC издаде предупредување во врска со можното заобиколување на ова ограничување, посочувајќи го Козмино како едно од пацифичките пристаништа во кои со руската нафта може да се тргува над граничната цена и истакнувајќи дека американските ентитети можеби несвесно обезбедуваат услуги за таа трговија.
„Овие американски даватели на услуги можеби не се свесни дека обезбедуваат услуги кои вклучуваат руска нафта купена над ценовната граница бидејќи лица кои не се од САД, а се вклучени во извозот, може да доставиле нецелосна или лажна документација или користеле други измамнички методи“, велат од OFAC.
Оттаму, исто така, препорачуваат американските трговски компании да ги зачуваат документите кои покажуваат дека купувале руска нафта и нафтени деривати по или под највиската дозволена цена.
Претходно во февруари, Министерството за финансии на САД објави упатство за спроведување на политиката за ограничување на цените за руската сурова нафта и за руските нафтени деривати.
Министерството се повика на своето упатство во своето понеделничко предупредување, нагласувајќи дека лицата од САД кои обезбедуваат услуги треба да одбијат учество во трансакции кои го избегнуваат или ги прекршуваат определбите за ограничување на цената и да пријават таква трансакција до OFAC.
Компаниите од Г-7 и земјите-членки на ЕУ можат да обезбедуваат финансиски услуги, како што се транспорт, осигурување и услуги за финансирање на руската нафта и нафтени деривати, само ако се продаваат под ограничената цена од 60 долари за барел.
Групата Г-7, ЕУ и Австралија воведоа ограничување на цената на руската нафта од декември минатата година како дел од санкциите против Русија поради инвазијата на Украина.