Утрински Весник
Македонија

Министерство за правда: Немаме дадено согласност за употреба на името „Иван Михајлов”

Министерство за правда: Немаме дадено согласност за употреба на името „Иван Михајлов”

Министерството за правда информира дека немаат никаква надлежност да вршат надзор над работата на здруженијата и немаат дадено согласност за употреба на името „Иван Михајлов” за бугарскиот културен центар во Битола.

dobivaj vesti na viber

Реакцијата следи откако претходно денес, Комисијата за спречување и заштита од дискриминација (КСЗД) утврди индиректна дискриминација извршена од страна на Министерството за правда, поради пропуштање на извршување на своите законски надлежности, со коишто му овозможиле на Здружението да врши дејствија спротивни на Законот. Комисијата препорача Министерството за правда да изврши надзор над законитоста на примената на одредбите на Законот за здруженија и фондации.

Од Правда велат дека во однос на постапката за регистрација на здружението „Иван Михајлов“, до Министерството на 27 февруари 2019 година доставено е барање за давање на согласност за регистрација во Централен регистар. Министерството за правда со допис од 5.3.2019 година доставило одговор на барањето со кое се известува подносителот дека согласно член 9 став (1) од Законот за здруженија и фондации Министерството за правда издава одобрение за употреба на зборот „Македонија“, зборовите изведени од него, како и неговите кратенки, за употреба во името на организацијата. Со оглед на тоа дека во називот на здружението – Културен центар Иван Михајлов, кое било во постапка и регистрирање во Централниот регистар на Република Северна Македонија, содржано е името на историска личност, а земен e предвид фактот дека не постои регистар на историски личности или  кој било друг документ со кој може да се утврди статусот на историската личност, Министерството за правда не издало одобрение за употреба на името „Иван Михајлов“ во името на здружението.

„Известувањето дека не може да се даде согласност, значи дека нема одобрение од страна на Министерството за правда“, се наведува во дописот на Министерството.

Претходно денес, Комисијата за спречување и заштита од дискриминација (КСЗД) утврди и дискриминација по основ на национална и етничка припадност за основањето на здружението Културен центар „Ванчо Михајлов“ – Битола, соопшти Весна Бендевска, членка на Комисијата.

Ова се однесува на елементите кои предизвикуваат вознемирување врз национална, етничка основа, што е детално опишано во мислењето на Комисијата. Се препорачува здружението да ги отстрани содржините на својата Фејсбук страница кои предизвикуваат вознемирување во форма на давање и поттикување  инструкции за вознемирување поврзани со ликот, делото на личноста Иван Михајлов во најкус можен рок, но не подолг од 30 дена.

Комисијата постапи по овој случај по претставка поднесена од Сојузот на борците – ОО Битола од народноослободителната и антифашистичката војна на Македонија 1941-1945 година.

Можете да прочитате

Расчистени одроните од карпи и паднатото дрво на автопатот Скопје-Велес

Трибините – огледало на политиката

ВМРО-ДПМНЕ за Таравари: Кога ДУИ те фали, знаеш дека нешто крупно е згрешено