Белорускиот министер за одбрана – Виктар Хренин изјави дека неговата земја не сака војна со Украина или која било друга соседна земја, но истовремено предупреди на можни провокации, пренесоа белоруските медиуми.
Хренин рече дека Белорусија, една од ретките земји што ја поддржа руската инвазија на Украина, е загрижена од сугестиите дека белоруската војска може да ја нападне Украина.
„Единственото нешто што можеме да го кажеме е ова: Не провоцирајте не, нема да ве нападнеме. Не сакаме да се бориме против Литванците или Полјаците, а особено не против Украинците“, рече Хренин.
Тој го предупреди Западот за „можни провокации“ и додаде: „Вие не сакате војна со нас, исто како што ние не сакаме војна со вас“.
Лукашенко денеска ја обвини Украина дека подготвува напад врз неговата земја и најави дека Минск поради ова ќе распореди руско-белоруска воена група, но не кажа каде.
АФП пренесува дека Лукашенко рекол дека Полска, Литванија и Украина „обучуваат белоруски радикални милитанти“ за „саботажа, терористички напади и организирање бунт во армијата“. Полска, која ја дели границата со Белорусија, денеска ги повика своите граѓани да ја напуштат земјата.