
Министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Цветан Трипуновски, откупувачите, земјоделците и преработувачите денеска договорија повисоки откупни цени на индустриската пиперка од соратата „куртовска капија“од годинашната реколта.
Според министерот, за прва класа откупната цена е 45 денари, за прва и втора 35, за втора 20 и за трета 15 денари за килограм.
-Овие се почетни цени со кои ќе почне откупот на пиперката и ќе трае во текот на откупот. Овие цени за да се одржат мора да се почитува правилникот за квалитет и она што е уште поважно, бидејќи во нашата држава во два региони се произведува оваа пиперка, односно струмичкиот и прилепскиот, бербата да биде договорена со откупувачите и преработувачите за да не се соочиме со зголемена количина во текот на денот и неделата и да имаме застој во откупот како што беше минатата година,изјави минстерот Трипуновски.
Додаде дека откупот ќе се следи преку Земјоделскиот инспекторат, бидејќи овие договорени цени и динамика треба да бидат во рамки на законот.
Според Петар Атанасов, преработувач од „ДИЕМ-ГП“ од Гевгелија, со договорените цени земјоделците треба да бидат задоволни.
-Се надевам дека ќе бидат и мотивирани за следните години за да го зачуваат и зголемат производството на „куртова капија“. Очекуваме реален откуп и реален пласман на оваа пиперка. Сакам да апелирам до земјоделците да не брзат со бербите и во периодот од 1 до 20 септември да пристапат на берење на договореното производство, изјави Атанасов.
Во споредба со лани откупните цени се зголеми од 13 до 15 отсто, односно цената е зголема за околу 5 денари за килограм и плус од досегашните 3 производителите ќе добиваат по 4 денари за предаден килограм пиперка на откупните пунктови.
Инаку, годинава се очекува производство на околу 60 до 65 милиони килограми „куртовска капија“.