Утрински Весник
Македонија

Министерот Тошковски и новинарот Салиу во вербален конфликт на прес конференција

Toskovski.jpg

Министерот за внатрешни работи, Панче Тошковски и новинарот Фуркан Салиу на прес конференција влегоа во вербален конфликт околу тоа што точно се случувало при вчерашното приведување на новинарот.

Според Тошковски, Салиу бил на натпревар кој бил од висок ризик и како што објасни, според она што можел да го види од снимките во најмала рака имало спречување на службено лице во вршење на службена должност од страна на новинарот.

„Според службените белешки двете службени лица велат дека имало физички напад, а од снимките кои јас ги видов во најмала мера има спречување на службено лице во вршење на службена должност“, рече Тошковски.

Директно го праша Салиу кој присуствуваше на прес конференцијата дали имал физички контакт со полицајците пред да го приведат?

Според новинарот такво нешто немало ниту во еден момент, за што министерот рече дека Салиу „лаже“.

Салиу и претходно негираше дека нападнал полициски службеник и сметаше дека е уапсен затоа што снимал како полицијата тепа недолжно момче на фудбалски натпревар.

Тој на денешната прес конференција го прашуваше Тошковски како е извршен претресот во автомобилот, во кој бил пронајден пиштол за кој има дозвола, без негово присуство. Тошковски кусо одговори дека е извршен преглед.

Сепак најави дека внатрешната контрола ќе го испитува и постапувањето на полицијата и дека целиот настан е снимен.

Претходно од СДСМ обвинија дека ВМРО ДПМНЕ е истата режимска партија од минатото.

Од ВМРО ДПМНЕ, пак, одговорија дека овој инцидент најмалку нив им одговара.

Дел од новинарските здруженија повикаа случајот веднаш да се реши и да се објават сите информации околу приведувањето на Салиу.

Можете да прочитате

Доне Таневски продаде голем удел од акциите во „Македонија турист“ – „Скопски пазар“ на Фатмир Етеми ја зацврстува позицијата на втор најголем акционер

Лукаревска: СДСМ поднесе амандман за поддршка на зелената транзиција и намалување на загадувањето

НСО: Исплатени обврските кои беа заостанати од потпишувањето на колективниот договор