
Министерот за одбрана Владо Мисајловски им упатува честитки на македонските граѓани, по повод 8. Септември, Денот на независноста.
Во честитката, министерот повикува „со гордост (да) се навраќаме на историскиот чин пред 33 години со кој нашата држава го трасираше патот кон самостојноста, независноста и сувереноста. Денот на независноста е симбол на нашата одлучност самостојно да ја градиме својата иднина, но и обврска да ја чуваме и развиваме татковината за идните генерации.”
Целата честитка од министерот Мисајловски до граѓаните во продолжение:
„Денеска, на 8. Септември, со гордост се навраќаме на историскиот чин пред 33 години со кој нашата држава го трасираше патот кон самостојноста, независноста и сувереноста. Денот на независноста е симбол на нашата одлучност самостојно да ја градиме својата иднина, но и обврска да ја чуваме и развиваме татковината за идните генерации.
Во таа мисија, македонската Армија е еден од најсилните столбови на нашето општество. Нашите војници, со својата посветеност и пожртвуваност, не само што ја гарантираат безбедноста и територијалниот интегритет на државата, туку и го претставуваат најдобриот пример за дисциплина, чест и љубов кон татковината.
Денес Армијата е модерна, професионална сила, рамноправен дел од сојузничките сили во НАТО. Таа е доказ дека независноста не е само збор од историјата, туку секојдневна одговорност и должност што ја носиме пред себе и пред светот.
Нашата независност е вредност за која се живее и се работи секојдневно. Со почит кон минатото, со верба во иднината и со љубов кон Македонија, заедно ќе продолжиме да ја градиме државата што сите ја заслужуваме.
Нека е честит 8 Септември – Денот на независноста!” стои во честитката.