Во ЕУ инфо центарот денеска се одржаа „Македонско – француски разговори за одбраната“ меѓу министерката Петровска, францускиот амбасадор Сирил Бомгартнер и студенти кои ги следат одбранбените прашања.
На панелот беше објаснет развојот на македонско-француската одбранбена соработка, набавката на системот за противвоздушна одбрана од Франција, како и европерспективата на Република Северна Македонија.
„За да бидеме успешни, за да бидеме рамо до рамо со сите останати земји кои се долго време членки на Алијансата, потребно е постојано да вложуваме, да инвестираме и постојано да се подобруваме – овој договор е еден од механизмите како тоа ќе го постигнеме“, истакна Петровска.
Во контекст на одбранбената соработка, амбасадорот Бомгартнер, истакна дека договорот ќе овозможи оперативна соработка, соработка на стратешки план, како и размена на офицери, воени кадри и посета на терен, како и стратешки консултации.
Амбасадорот ја поздрави и одлуката за испраќање на двата вода во Бугарија и Романија, како дел од зајакнувањето на НАТО одвраќањето на источниот блок.
„Тоа покажува дека Северна Македонија полека си го зазема целото заслужено место во рамки на Алијансата. Среќен сум што во тие рамки, француската армија и македонската армија се рамо до рамо, затоа што во Романија, Франција е рамковната нација за распоредување на тие единици во рамки на НАТО, потенцираше Бомгартнер.
Во однос на набавката на системот за противвоздушна одбрана, министерката Петровска истакна дека Министерството за одбрана и Армијата имаат уставна обврска да ја гарантираат безбедноста на државата и територијалниот интегритет.