
Минатиот месец беше вториот најтопол април досега, при што глобалните температури останаа над клучниот праг од 1,5 степени Целзиусови за глобално затоплување, соопштија научниците.
Според податоците од Програмата за климатски промени Copernicus (C3S) на Европската унија, температурата во април 2025 година била за 0,6 степени Целзиусови над просекот за тој месец од периодот 1991-2020 година и 1,51 степени Целзиусови над прединдустриските нивоа.
Ова е 21-ви месец во последните 22 месеци во кој просечната глобална температура на површинскиот воздух била повеќе од 1,5 степени Целзиусови над прединдустриските нивоа.
Анализата, во којашто, како што се тврди, се користени „милијарди“ мерења од сателити, бродови, авиони и метеоролошки станици ширум светот, исто така, покажала дека во најновиот 12-месечен период, од мај 2024 до април 2025 година, температурата била 1,58 степени Целзиусови над прединдустриските нивоа, проценетото ниво од 1850 до 1900 година што се користи за дефинирање на прединдустриската ера.
Ова се случува и покрај појавата на феноменот „Ла Ниња“ во Пацификот, што привремено ги намалува глобалните температури, тврдат научниците во споменатата анализа.
Податоците, исто така, покажале дека температурите на површината на морето надвор од поларните региони во просек изнесувале 20,89 степени Целзиусови, што го прави вториот најтопол април за морињата по минатогодишниот рекорд.
Температурите беа претежно над просекот низ цела Европа, а најголемите термички аномалии се регистрирани над источна Европа, западна Русија, Казахстан и Норвешка.
Просечната температура на копното била 9,38 степени Целзиусови, што е за околу 1,01 степен над просекот за април од 1991 до 2020 година, што го прави шестиот најтопол април во Европа откако се вршат мерењата.
Биле претежно над просекот на рускиот Далечен исток, поголемиот дел од западно-централна Азија, над поголемиот дел од Северна Америка, делови од Австралија и низ Антарктичкиот полуостров и Западен Антарктик.
Меѓутоа, југот на Јужна Америка, источна Канада во регионот на Големите езера и над заливот Хадсон, над североисточен Гренланд и Свалбард, над северна Австралија и источен Антарктик, регистрирале поголем дел од температурите под просекот.
Обемот на арктичкиот морски мраз бил 3 отсто под просекот, шестиот најнизок месечен обем за април во 47 години сателитски евиденции, по четири месеци со рекордно ниски месечни вредности за тој период од годината.
Обемот на антарктичкиот морски мраз, пак, бил за 10 отсто под просекот, што го прави 10-то најниско во историјата на мерењата за тој месец.
Саманта Бургес, водител за климатска стратегија во Европскиот центар за среднорочни временски прогнози, кој го води C3S, изјави: „Глобално, април 2025 година беше вториот најтопол април досега, продолжувајќи долга низа месеци над 1,5 степени Целзиусови над прединдустриските температури“.
„Континуираното следење на климата е клучна алатка за разбирање и реагирање на тековните промени во нашиот климатски систем“, додава Бургес.