Фудбалската репрезентација на Македонија вечерва (20.45 часот) на арената „Тодор Проески“ ја пречекува Украина во квалификациите за ЕВРО 2024. Селекцијата на Благоја Милевски посакува триумф на домашен терен, иако тоа ќе биде навистина тешко да се оствари против силната селекција на Украинците.
Гостите имаат во својот состав и ѕвезди од Премиерлигата, како Мудрик и Миколенко, но и Македонија има свои адути.
„Украина е една од селекциите која ја сметаат за „нефаворит“, ама играат одличен фудбал. Со нив игравме на Европското првенство, а покажавме две различни полувремиња. Направивме грешки кои ривалот ги казни. Ако сакаме да се надеваме на позитивен резултат на домашен терен, тогаш ќе мора да одиграме максимално и ни треба еден перфектен меч“, вели капитенот Стефан Ристовски.
Тој очекува и поддршка од публиката. Македонија ќе игра отворен фудбал затоа што само така можеме да се надеваме на трите бода, кои се многу важни за понатамошниот тек од квалификациите.
„Ако сакаш нешто повеќе со вакви селекции, не може само да се браниш, мора нешто да направиме и во офанзива, да задржиме топка. Во фудбалот сѐ е можно. Ни треба максимален фокус од прва до последна минута. Подготвени сме и се надевам со поддршка од навивачите која ќе ни биде ветер во грб ќе дојдеме до позитивен резултат, дополнува Стефан Ристовски.
На Македонија ќе и недостигаат повредените Бојан Миовски и Дарко Чурлинов, но во националниот тим се враќа Аријан Адеми. Со него средниот ред треба да биде многу посилен, а ќе делува заедно со Енис Барди и со Јани Атанасов.
Елиф Елмас и Александар Трајковски треба да бидат на крилните позиции, а Милан Ристовски најистурен во нападот.
Одбраната е стандардна. На голот е Столе Димитриевски, кој бранеше одлично цела сезона во Ла Лига, а на страничните позиции се капитенот Стефан Ристовски и Езгјан Алиоски.
Во срцето на одбраната ќе бидат Висар Муслиу и Дарко Велковски.
Сергеј Ребров, селекторот на Украина, исто така нема да експериментира, и најверојатно ќе го изведе истиот тим кој пред три дена играше пријателски натпревар (3:3) против Германија. Ќе треба да се внимава на Виктор Циганков, кој иако е играч за врска, беше двоен стрелец на тој меч, но и на Михаило Мудрик, крилниот играч за кого Челси плати вистинско богатство. Тука се и искусниот Андриј Јармоленко, како и младиот Артем Довбик, кои можат да бидат многу опасни по голот на Димитриевски.
На арената „Тодор Проески“ се очекуваат повеќе од 25.000 гледачи, а натпреварот е закажан за 20.45 часот.