
Хрватскиот претседател, Зоран Милановиќ ѝ даде совет на Македонија да биде себична колку што може на патот кон Европската унија (ЕУ), односно да не дозволи да биде жртва на уцени и изнуди кога е во прашање членството во ЕУ, при што нагласи дека не мисли директно на Бугарија. Милановиќ, кој престојуваше во службена посета на земјава, не смета дека сите совети што ги добива Македонија од Брисел, соседите и меѓународната заедница се паметни и корисни и ја посоветува да ги прима со вреќа сол и да работи по свое.
Правилата се јасни. Треба консензус, односно треба едногласност. Како и да свртите ќе дојде на исто. Се додека е некој против, Македонија за жал не може да напредува на тој пат. Единствено прашање е дали е тоа навистина за вас, односно за вашите граѓани најважната работа на овој свет и единствено вредно за живот и напор или постојат други работи за државата кои ја дефинираат како успешна и реализирана заедница“, изјави Милановиќ.
Милановиќ притоа рече дека Македонија не треба да се третира како земја со посебни потреби, туку како земја која има проблем.
Домаќинката на Милановиќ, македонската претседателка, Гордана Силјановска Давкова, од своја страна рече дека Македонија е цврсто посветена на патот кон ЕУ, што го потврдуваат сите анкети.
„Повторувам дека копенхангешките критериуми се тие коишто од нас ќе направат стандардна европска, здодевна држава, дека ветото не е пријателски инструмент. Мислам дека ветото ќе предизвика и понатаму проблеми. Нема да останеме ние осамен случај и дека на некој начин треба, се разбира, во рамките на она што е копенхагеншки критериум да си го бараме местото“, изјави Силјановска Давкова.
Претседателката се надева на разбирање од земјите-членки на ЕУ за проблемот кој ја кочи Македонија за ЕУ, при што се надева дека разбирање ќе стигне и од соседите, односно дека ќе има исчекор во добрососедските односи.
Силјановска Давкова за претстојните посети на претседателот на Европскиот совет, Антонио Кошта и еврокомесарката, Марта Кос, рече дека нема да предвидува со каква порака ќе дојдат тие во Скопје, но се надева дека со нив ќе се разговара за неодржливата состојба во која се наоѓа Македонија, а што и штети и на кредибилитетот и интегритетот на најважнaта политика на ЕУ – проширувањето.