Интегрален текст од соопштение за јавност на СДСМ:
Плата за живот, грижа за менталното здравје на младите, Министерство за млади, општество без корупција, достоинствено домување – ова се дел од таргетите што Младината на Социјалдемократскиот сојуз ги постави како клучни стожери во Манифестот што го презентираше денес и за што отвори јавна дебата со граѓанските организации, меѓународни организации и фондации, универзитетските и факултетските собранија, студенти и политички подмладоци.
Денеска во просторииите на Културно Социјалниот Простор – КСП Јадро се одржа промоција на Манифестот на Социјалдемократската младина на Македонија – СДММ. На настанот присуствуваа претставници на граѓанските организации, меѓународните организации и фондации, универзитетските и факултетските собранија, студенти и политички подмладоци. Процесот на креирање на овој стратешки документ на СДММ беше поддржан од германската фондација Фридрих Еберт Штифтунг – Канцеларија во Скопје.
На настанот беше промовирана финална отворена верзија на Манифестот, а преку отворена и водена дискусија беа собрани дополнителни насоки и перспективи од учесниците, кои ќе бидат инкорпорирани во завршниот документ.
Инаку, процесот на креирање на овој Манифест траеше неколку месеци, каде млади поделени во 10 групи од различни области имаа можност директно да учествуваат во предлозите, идеите и заложбите заедно со ментори од граѓанскиот сектор, експерти и политичари.
Свое обраќање имаше претседателот на СДММ, кој воедно и го презентираше Манифестот:„Манифестот на Социјалдемократската младина на Македонија претставува клучен стратешки документ, кој јасно ги покажува нашите заложби, перспективи и замисли за тоа во каква држава сакаме да живееме. Документот претставува заложба за безусловно почитување на човековите права за сите граѓани, за еднакви можности за квалитетен и достоинствен живот и просперитет, за борба за достапни квалитетни јавни услуги и сервиси за граѓаните – домување, здравство, образование, транспорт, кои мора да бидат универзално достапни за сите граѓани, а не само за оние со највисоки примања. Сите препораки кои произлегоа од денешната дискусија со граѓанскиот сектор, студентските претставнички тела и меѓународните организации ќе бидат инкорпорирани во финалниот текст на овој Манифест. Продолжуваме да работиме на создавање поинклузивно, посолидарно и поеднакво општество за нас, но и за генерациите што доаѓаат по нас. ” изјави Марко Михаилоски.