Утрински Весник
Балкан

Мицотакис нема да присуствува на инаугуративниот состанок на Одборот за мир во Вашингтон

Micotakis.jpeg

Грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис засега нема во план да учествува на инаугуративната седница на Одборот за мир, иницијатива на американскиот претседател Доналд Трамп, што треба да се одржи следната седмица во Вашингтон, соопшти портпаролот на грчката Влада, Павлос Маринакис. Одговарајќи на новинарско прашање, Маринакис истакна дека во актуелната агенда на премиерот се предвидени официјални посети на Обединетите Арапски Емирати и Индија, кои ги оцени како особено значајни за грчката надворешна политика и за националните интереси на земјата. „Во моментов, во програмата на премиерот се овие две посети, кои се планирани подолг период. Нема други активности. Доколку има промена, јавноста ќе биде информирана“, изјави Маринакис. Грција во средината на јануари доби покана од САД да учествува како членка-основач на Одборот за мир, а минатата седмица била поканета и на првиот, инаугуративен состанок на 19 февруари.

Портпаролката на грчкото Министерство за надворешни работи, Лана Зохиу, на редовниот брифинг посочи дека Атина внимателно ја разгледала иницијативата, имајќи ја предвид и Резолуцијата 2803 на Советот за безбедност на ОН, која Грција ја поддржала. Според Зохиу, резолуцијата го дефинира Одборот за мир како привремено тело со мандат исклучиво поврзан со воспоставување мир во Газа. Таа објасни дека постојат одредени разлики меѓу содржината на Статутот на Одборот и резолуцијата на ОН, што довело до резервираност од страна на Грција, поради што земјата не го потпишала и формално не пристапила кон Статутот. И покрај тоа, на крајот на минатата недела Атина добила покана за присуство на инаугуративната седница во Вашингтон, но засега такво учество не е предвидено во програмата на премиерот.

Можете да прочитате

На малолетничка и е ампутирана ногата поради трамвајска несреќа во Сараево

Албанското собрание со декларација за поддршка на лидерите на ОВК

Масовен напад во Софија: Еден загинат, две лица во животна опасност