Грчкиот премиер Киријакос Мицотакис денеска го повика парламентот да го одобри законот за образование со кој на странските приватни универзитети им се дозволува да основаат свои институции во земјата.
Како што истакна, ова е неопходна реформа со која би се намалил големиот број грчки студенти кои се одлучуваат да студираат во странство, што предизвикува тие студенти и нивните семејства да трошат пари надвор од границите, додека Грција се уште закрепнува од децениската финансиска криза.
„Парламентот не е повикан само да гласа за клучен закон, туку да одобри радикални и храбри образовни реформи за раст и социјална правда. Ова конечно ќе овозможи приватни и непрофитни институции да работат во нашата земја“, нагласи Мицотакис.
Тој нагласи дека законот за образование ќе помогне и за усогласување на Грција со остатокот од Европската унија и за зголемување на конкуренцијата во високото образование.
Студентите, факултетите и универзитетскиот персонал организираа протести во последните недели против планираната реформа, велејќи дека тоа ќе ја намали вредноста на државните универзитетски дипломи и ќе го намали државното финансирање за јавното образование.
Студентските организации планираат нови протести подоцна во текот на денот и се очекува да маршираат до парламентот во центарот на Атина пред парламентарното гласање за законот вечерва.
Грција троши меѓу 3 и 4 отсто од годишното економско производство на образование, што е под просекот на ЕУ, но премиерот истакна дека овој закон предвидува зголемување на финансирањето на државните универзитети.
И покрај силното противење, се очекува предлог-законот да помине, бидејќи конзервативната влада има 158 пратеници во 300-члениот парламент.