
Не очекуваме јавниот обвинител да каже „Да, виновен сум, не успеав во својата работа“.
Ова е коментарот што премиерот Христијан Мицкоски го даде во врска вчерашната изјава на државниот јавен обвинител Љупчо Коцевски кој синоќа во интервју за „360 степени“ рече дека најавите за негова смена од функцијата ги смета за политички мотивирани.
„Ние не очекуваме од јавниот обвинител да каже ‘Да виновен сум, не успеав во својата работа’. Едноставно тоа е очекувано што тој го кажува. Така што, аргументите, еве јавноста ги гледа и сведочи за неговата работа, за работата на Обвинителството, на судовите. Повторно ќе кажам, малкумина за жал, како и тој, е заробеник на тие малкумина во рамките на Обвинителството имаше можност и шанса но за жал не ја искористи“,изјави Мицкоски.
На прашањето за постапката за разрешување на Љупчо Коцевски, премиерот рече дека постапката трае и дека е почната уште пред локалните избори.
Прашан за коментар на најавата на државниот јавен обвинител за можно спојување на двата предмета за дивоградбите во скопски Чаир, Мицкоски вели:
„Органите треба да си ги вршат своите работи, ако така одлучило Обвинителството тоа е нивна работа, немам што да коментирам. Доколку постои основа за било какви кривични дела, нема тука дилема.“

