На примитивизам и неодговорност го припишува лидерот на опозицијата Христијан Мицкоски тоа што Владата прифатила да му плати 53 милиони евра отштета на американско-турскиот конзорциум „Бехтел и Енка“ доколку не се изгласаат предложените измени на осум закони. Жално е што пациентите со цистична фиброза чекаат набавка на лекот додека Владата потпишува милионски суми за пенали за кои Мицкоски смета дека се многу извесни поради одлуките на Уставниот суд.
„Навистина жално, тажно, трагично. Замислете колку луѓе може да се третираат со лекот со овие 53 милиони евра, да речеме, пенали што Владата свесно презела да ги плати на приватната компанија затоа што свесно знае дека Уставниот суд веќе донел одлука за неможност за оспорување на одлуката за работната недела од 40 на 60 работни часа. Замислете, со овие 53 милиони евра и плус со оние два милиона евра дополнителни пенали што на месечна основа ги имаат преземено колку пациенти може да се третираат. Немам зборови. Нивниот примитивизам и неодговорност шокираат и колку побргу заминат толку повеќе луѓе ќе се спасат во Македонија. Ова повеќе не е борба што да ја формира Владата, ова е борба да ја минимизираме штетата што на дневна основа се случува во Македонија и да спасиме некој човечки живот. што побргу треба да се охрабрат да излеземе пред граѓаните на избори и да завршиме еднаш со оваа политичка елита“, рече лидерот Мицкоски.
Вчера, членовите на Асоцијацијата за цистична фиброза се пожалија дека иако помина еден месец по изгласувањето на законските измени, кои овозможија поедноставен увоз на лекот „трикафта“, набавка сè уште нема ниту, пак, има план по кој болните ќе го добиваат лекот, а кои сè уште го чекаат. Претседателот на Асоцијацијата, Фики Гаспар, рече дека во земјата има околу 140 болни од цистична фиброза, а лекот „трикафта“ го земаат само дванаесетмина за кои итно беше набавен по смртта на Благојче Илиевски, еден од најгласните борци за негова набавка.