
Соопштение за јавност на ВМРО-ДПМНЕ:
Во интервју за Дојче Веле за скандалот со прислушкувањето, претседателот на ВМРО-ДПМНЕ и премиер на Република Македонија, Христијан Мицкоски истакна дека во врска со изјавите на поранешниот директор на АНБ, но и за изјавите на СДС кои излегоа во јавноста, се измислуваат различни изговори и тие се доказ дека нивните тврдења не се совпаѓаат па така дополнително се заплеткуваат во своите тврдења што јасно го покажува нивниот страв.
„Како тоа сега измислуваат различни изговори, откако се фатени живи, СДС едно кажува, Димовски друго, па се заплеткуваат и дават во сопствените тези, така што е јасно како бел ден дека се уплашени. Сакам уште еднаш да им порачам, секој што учествувал во тоа ќе одговара. Ако имало нешто против мене, зарем тие, како бран залетани, би ми простиле, кога половина ВМРО и виновни и невини ги натрупаа во случаи? Сега, пак, се уплашени, а јас со задоволство гледам како се прпелкаат од страв, паника и полни со неизвесност. Не знаат дали некој пропеал, дали сè се знае или само дел, дали ќе има конечна разрешница. Во оваа состојба, тие не се ни свесни до крај дека ова нема добро да заврши за нив. Затоа губат време пишувајќи анонимни писма, и тоа токму инспираторите на ова, како ќе глумат жртви, како ќе напаѓаат ширејќи магла и дезинформации. Забавно е да се гледа како тие исти инспиратори се мобилизираат и ги мобилизираат сите нивни соработници, кои „никнуваат“ од разни страни“, рече Мицкоски.
Мицкоски истакна дека тезата која ја шират за случајното фаќање додека следеле други е трагична и невистинита, потенцирајќи дека СДС не се менува и постои опасност истата таа да се претвори во маргинална партија чиј простор ќе им биде заземен од друг.
„Сè си се покажува точно како што очекувавме. И јас сум задоволен од тоа што досега се случува. И тезата дека сум „случајно“ фатен додека следеле други е смешна и истовремено трагична теза која е невистинита и наивна, па ако е така зошто тогаш само мене ме следеле и очигледен фокус на следењето сум јас? Ако сум „ловен“ преку други, тогаш за нив ќе има документација, а вака само за мене има. СДС, за жал, не се менува и огромна е опасноста како тргнале да станат маргинална партија и нивниот простор да го заземе некој друг. Но тоа е нивни проблем. Исто како што е нивни проблем, т.е. на нивните функционери и нивна одговорност тоа што ќе следи во овој процес за следење и злоупотреби на службената положба“, дециден е Мицкоски.