
Претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Христијан Мицкоски денеска одговарајќи на новинарско прашање во однос на критиките од страна на опозицијата дека власта не прави доволно за граѓаните, изјави:
„Па да, ја гледав прес-конференцијата на претседателот на СДСМ вчера. Таму тој се повика на мерките коишто биле преземени за време на КОВИД кризата и пандемијата. И правеше разлика и споредба на оваа мерка со тие мерки и по што тие ќе останеле запомнети. Но заборави да каже дека единственото нешто по коешто ќе бидат, од тогаш запомнети е фактот што како држава, најлошо се справивме со КОВИД пандемијата. Односно имавме најголем број смртни случаи по глава на жител, споредено со сите европски земји. Заборави да ја спомне мерката неколку десетици милиони евра уплатени на „Стабри” компанијата од Хонгконг, којашто наместо специјализирана за набавка на вакцини е специјализирана за трговија со јужно овошје. Заборави да каже за бруталниот поткуп на изборите во 2020 година кога со уредби со сила на закон се менуваа закони во пет до дванаесет. Заборави да ја спомне и трагедијата во модуларната болница овде, кога луѓе живи гореа. Бидејќи тие модуларни болници се дел од мерките што Владата на СДСМ и ДУИ ги носеше во тој период. Заборави да каже за сите оние провизии од тендери. Заборави да каже како коленичеа на граница да добијат 5.000 вакцини донација од соседна Србија. Заборави да каже како македонските граѓани во отсуство на грижа од страна на Владата, коленичеа во соседството да добијат и да аплицираат вакцина против КОВИД пандемијата. И заборави, три точки, уште многу работи да каже. Тоа нема да го слушнете на лажните и клеветнички прес-конференции на опозицијата. Но затоа ќе слушнете како конструираат и измислуваат, но граѓаните гледаат. Тие повторно ги навредуваат граѓаните и мислат дека политиките на СДСМ и ДУИ од минатото, можат да ги споредуваат со политиките од оваа Влада. А граѓаните тоа го гледаат и впрочем тоа го кажаа на претходните локални избори, а ќе го кажат и тоа на следните парламентарни избори.”

