Утрински Весник
Македонија

Мицкоски за бегството на Груби: Тоа што некој е бегалец и е недостапен на органите на прогонот, само потврдува дека е виновен

Mickoski Pres 8 12 2024.jpg

Артан Груби и сите оние за кои постои основано сомнение дека сториле криминал, треба од страна на Обвинителството да биде докажано дека се виновни, а од страна на судовите да биде одредена мерка, врз основа на доказите. Со самото тоа што некој е бегалец и е недостапен на органите на прогонот, тој само потврдува дека е виновен. Јас ги разбирам, не ги оправдувам пораките кои што доаѓаат од опозицијата, а ние само со дела можеме тие шпекулации да ги сопреме, порача премиерот Христијан Мицкоски.

Тој во интервјуто за МРТ во врска со бегството на Артан Груби и обвинувањата од СДСМ, од Брисел посочи дека од СДСМ и другите опозициски партии ќе продолжат со измислици, но важно е дека во јавноста постепено се враќа чувството на надеж.


-Јас не очекувам раководството на СДСМ и другите опозициски партии да излезат во јавноста и да речат „браво, успешно завршена акција“. Тие ќе си продолжат со измислици и со монтажи. Важно е дека постепено се враќа чуството на надеж и тоа го гледаме на анкетите. Не велам дека е брилијантно, не велам дека ние чуда направивме за шест месеци, но факт е дека чувството се враќа. Факт е дека бројот на испитаници кои што велат дека Македонија се движи во вистинска насока е четири до пет пати поголем, од тоа што беше пред шест месеци. Ќе работиме уште подобро, рече Мицкоски.

Тој вели дека имаме одлична борба против криминалот и корупција и добро е што граѓаните тоа го препознаваат и даваат поддршка.

-Артан Груби и сите оние за кои што постои основано сомнение дека сториле криминал, треба од страна на Обвинителството да биде докажано дека се виновни, а од страна на судовите да биде одредена мерка врз основа на доказите и обвинението, а обвинетиот да докаже во судска процедура дека е невин. Така би требало тоа да функционира. Со самото тоа што некој е бегалец и е недостапен на органите на прогонот, тој само потврдува дека е виновен, додаде Мицкоски.

Како што посочи, секој оној кој сторил кривично дело без разлика дали е политичар, дали е цивил, ќе одговара пред органите, и на тој начин ќе продолжат да работат во иднина.

Можете да прочитате

Давкова прими новинарска делегација од Турција

Влада нема да се откаже од проектот за изградба на хидроцентралата Чебрен на Црна Река

Обезбедена донација за вода: Итни интервенции утре на Клиника сепак ќе има