
Во фаза на потврда сме на три многу важни странски инвестиции – германска, грчка и турска, со вредност од околу 110 до 120 милиони евра што ќе донесат повеќе од 1.500 нови вработувања, информираше попладнево премиерот Христијан Мицкоски, одговарајќи на пратенички прашања во Собранието.
– Веќе сме во фаза на потврда и конфирмација на три многу важни странски инвестиции. Едната е во делот на автомобилската индустрија – турска, едната е во делот на индустријата на високи технологии – германска и едната е во делот на фармацијата – грчка, појасни премиерот, додавајќи дека треба периодот што следува да бидат објавени.
За едната рече дека ќе биде во зоната во Тетово, а другите две во скопската зона. Премиерот рече дека очекуваат многу скоро да има и втора фаза на овие инвестиции. Некои од постојните, како што нагласи тој, ги прошируваат нивните инвестициски капацитети, а уште со десет други се преговарало.
– Еден жесток инвестициски циклус што нас ни е битен поради намалување на невработеноста, потенцираше Мицкоски пред пратениците.
Тој упати порака до иселениците кои се родум од нашата земја, да се вратат дома.
– Да си дојдат затоа што ќе има потреба од квалификуван кадар, ќе има потреба од квалификувани луѓе. Голем дел од нив веќе се враќаат, подвлече Мицкоски.
Тој рече дека сака да ги цитира бројките што ги објавува Државниот завод за статистика.
– Кога октомври месец ќе се спореди со октомври минатата година, имаме за седум илјади повеќе вработени и за седум илјади помалку невработени. Односно, октомври месец минатата година сме имале околу шесто деведесет и осум илјади вработени, сега имаме околу седумсто и пет илјади, за првпат е надмината бројката од седумсто илјади вработени. Бројот на невработени од девесет и осум илјади и нешто е паднат на деведесет и една илјада и нешто. Но, мора тука да сме свесни дека голем дел од лицата коишто фигурираат како невработени, би рекол ги користат дел од законските одредби, а исто така се присутни на пазарот на труд и се дел од таа, таканаречена „сива економија“. И во рамките на тоа, Министерството за економија и труд веќе изработува закон – мислам дека е изработен тој закон, ќе се најде многу скоро – исто тој е дел од реформската агенда и така натаму, исто како што Оперативниот план е дел од реформската агенда, за него малку подоцна – ќе се најде овдека пред вас – пратениците и очекувам веќе следната година за првпат после долго време, ќе имаме едноцифрен број на невработени. Очекувам во носењето на тој закон и филтрирањето односно катализирањето на списокот на невработени да имаме практично првпат едноцифрен број на невработени во Македонија. Истовремено, ние активно придонесуваме и во таа насока, тие активни политики што ги води оваа Влада, беа препознаени преку овој Оперативен план за вработување што помина исклучителноуспешно. Лично јас, дел од тие грантови што ги доделуваше Владата на млади лица, во рамките на Владата ги доделив и мислам дека за првпат таков тип на успех се постигна, додаде премиерот.



