Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, денеска, одговарајќи на новинарско прашање дали ВМРО-ДПМНЕ ќе ги поддржи измените на законите за данок на солидарност и за ДДВ и измените на Законот за добивката, кои СДСМ и ДУИ ги носат со европско знаменце, рече дека ВМРО-ДПМНЕ е против овие закони бидејќи тие не значат борба со сивата економија и не значи дека со нивно донесување ќе почне наплата од страна на граѓаните и компаниите што не плаќаат даноци.
„Граѓаните треба да знаат дека ова се закони за оние што се лојални граѓани на државата и плаќаат даноци. Ова не се закони што ќе бидат борба против сивата економија и ќе ги побараат оние граѓани и правни субјекти што не плаќале даноци. Тие што плаќале со овие даноци, ќе плаќаат повеќе“, изјави тој.
Мицкоски посочи дека со измени на Законот за ДДВ граѓаните ќе плаќаат поскапа електрична енергија бидејќи досегашниот данок од 5 проценти се враќа на 18 проценти. Тој рече дека Владата со зголемување на даноците сака да го полни буџетот за потоа, како што нагласи тој, да го празни на тендери во четири очи.