
Премиерот Мицкоски истакна дека со промоција и испораката на новата опрема за справување на цврстиот отпад, се прави конкретен чекот кон почиста животна средина и посилна заштита на здравјето на граѓаните.
„Оваа опрема не е само техничко средство. Таа е симбол на системска промена. Со нејзината распределба овозможуваме значително зголемување на покриеноста со услугата за собирање на отпад, како во урбаните, така и во руралните средини. Тоа значи дека секое населено место, секој граѓанин, добива еднаков третман и еднаква грижа од државата.
Со оваа инвестиција директно удираме по дивите депонии – по долгогодишниот проблем на неформално и неконтролирано исфрлање на отпад.Мицкоски вели дека воведуваат ред, и се гради систем.
Особено важно е што воспоставуваме услови за селекција на отпадот уште на изворот. Ова е културна промена, а не само техничка мерка“.
Како што рече тоа е практичен доказ за вложувањата што се прават и дека тоа не е изолиран проект.
Проектот, како што појасни, опфаќа изградба на три регионални санитарни депонии, санација и затворање на три постојни нестандардни депонии, изградба на претоварни станици, како и набавка на опрема и механизација за собирање и транспорт на отпадот, за вкупно пет плански региони во државата.
„Особено значајно е што со оваа опрема го подготвуваме системот за целосно функционирање на идната регионална депонија и центар за управување со отпад во Новаци, како и претоварните станици во Кичево, Охрид, Прилеп и Дебар. Тоа е регионален пристап што носи ефикасност, економска оправданост и долгорочна одржливост.
Финансиската конструкција на овој проект е пример за успешна соработка помеѓу државата и меѓународните партнери. Обезбедени се средства преку заем, грантови и поддршка кои заедно создаваат силна основа за реализација на еден од најкомплексните еколошки проекти во државата.


