Утрински Весник
Македонија

Мицкоски со остра критика кон судството: Независноста не е само збор, туку и одговорност

07102024 Mickoski.jpg

Претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Христијан Мицкоски, во интервјуто за „Отворено студио“ на Македонската радио телевизија по повод „100 дена Влада“, изрази големо незадоволство од работата на судството и обвинителството. Тој истакна дека иако овие институции имаат можност да работат според законите и Уставот, одредени судии и обвинители постапуваат калкулантски, водејќи се од надворешни влијанија, а не од правните начела.

„Иако имаат шанса да работат професионално и во согласност со законите, некои обвинители и судии се водат од навигации добиени од други центри на моќ, оние што ги поставиле на позициите“, рече Мицкоски, додавајќи дека ова не е добро за правниот систем на државата.

Во контекст на неговата критика, Мицкоски наведе конкретен пример на злоупотреба која резултирала со штета од 70 до 80 милиони денари врз општинскиот буџет. И покрај сериозноста на случајот, судијата одредил мерка на претпазливост која вклучувала само неделно јавување на обвинетиот во судот. Според премиерот, ова е доказ дека правниот процес во ваквите случаи може да се развлекува со децении, што го поткопува довербата на граѓаните во правосудството.

Мицкоски нагласи дека Владата има капацитет да изврши промени и да именува нови кадри во судскиот систем, но дека тоа не го прави за да избегне обвинувања за партизација на судството. Тој истакна дека иако имаат мнозинство во Собранието, одлучиле да им дадат шанса на актуелните судии и обвинители, избрани од претходното раководство, да покажат резултати и да постапуваат според закон.

„Ние не ги менуваме обвинителите, иако можеме. Но таа шанса што ја даваме не е бесконечна. Кога ќе видиме дека не се постигнуваат очекуваните резултати, логично е да предложиме наши луѓе кои веруваме дека ќе ја испорачаат борбата против криминалот и корупцијата“, изјави премиерот.

Мицкоски додаде дека Владата нема намера да врши притисок врз судиите и обвинителите, но нагласи дека е разочаран од неколку случаи каде што се постапувало според надворешни влијанија, што е спротивно на принципите на независно и професионално судство.

Можете да прочитате

Трајчулески: Тоа што Мицкоски е разочаран од Конгресот е добра вест за СДСМ

Колку реални се попустите за „Black Friday“: Маркетинг стратегија или вистински заштеди?

Чибишев: Воздух во Скопје станува алармантен, Здравјето нема цена !