Утрински Весник
Македонија
300x250 opst2

Мицкоски: Случаите на Филипче и струмичкото лоби се во фиока – по изборите ќе има правда за сите

Img 8399.jpeg
Img 7972

Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, на митингот во Ѓорче Петров во рамки на кампањата за локалните избори 2025, порача дека овие избори се избор дали државата ќе продолжи напред или ќе се врати назад.

„Со заокружување на бројот 9 на 19 октомври бираме програма и план со кој општините и државата ќе станат современо и убаво место за живеење“, истакна Мицкоски.


Тој нагласи дека за само 15 месеци оваа влада ги градела темелите на државата, кои, според него, СДС и ДУИ претходно 84 месеци ги рушеле и упропастувале.

„Кренавме држава пред банкрот. Тоа беше време кога 500 илјади граѓани живееја со само 150 денари дневно, а единствениот ‘подарок’ беше двоцифрената инфлација. Скандалите и тендерите беа секојдневие“, изјави Мицкоски.

Тој ги обвини СДС и Филипче дека ја клекнале Македонија на колена со, како што рече, предавства и штетни договори – од промена на името, до договорот со Бугарија и прифаќањето на бугарскиот ултиматум.

„Ја слушам и гледам валканата кампања која ја тераат неговите прокси играчи и платени мегафони со украдените пари. Но, ајде да зборуваме за нивната чесност. Се сеќавате ли дека Венко Филипче заборави да пријави дека има фирма во Бугарија? Дека фирми кои работеа во РЕК префрлаа пари таму, кон фирми блиски до струмичкото лоби и до братот на поранешниот премиер? Се сеќавате ли на набавките на вакцини по тројно повисоки цени и на скандалот со монтажната зграда без одобрение што изгоре, а Венко нè убедуваше дека ‘кабелот е крив’?“, праша Мицкоски.

Тој истакна дека сите овие случаи завршиле во фиока поради, како што рече, поставувањето партиски кадри во судството и обвинителството.

„Повеќе од 80 кривични пријави против нив се заклучени. Клучот е кај Венко. Затоа, по овие избори, лично ќе се позанимавам со тоа – затоа што судството мора да биде независно и да има правда за сите!“, нагласи лидерот на ВМРО-ДПМНЕ.

Тој порача дека на 19 октомври граѓаните ќе испратат порака дека доаѓа крај на лицемерието и криминалот и дека народот е посилен од, како што кажа, „сидрото кое ја влече државата надолу“.

„Затоа ќе победиме и ќе работиме за заедничка иднина. Затоа да дадеме поддршка за кандидатот за градоначалник на Ѓорче Петров, Александар Стојкоски, и за советничката листа на ВМРО-ДПМНЕ“, заврши Мицкоски.

Можете да прочитате

Мицкоски ги повика кумановци да гласаат за Максим Димитриевски

37 обвинети, 33 адвокати и 250 оштетени судењето за „Пулс“ ќе биде правен маратон

Забрчанец: Дали Мицкоски се правда или бара мандат кој ќе трае со децении?