Премиерот Христијан Мицкоски соопшти дека има нова позиција по денешниот состанок на банките околу условите за пласирање на средствата од унгарскиот кредит за стопанството и оти се надева дека деновиве ќе има друга позиција, со цел бизнисот да добие што пониска каматна стапка.
Одговарајќи на новинарско прашање Мицкоски вечерва потврди дека Владата со банките разговара за камата на кредитниот ризик за стопанството наведувајќи дека „банките бараат 3,25 проценти сега се приближуваме кон нулата, ќе видиме кај ќе стигнеме.
– Се преговара се уште, не можам да ви кажам колку бараат затоа што имаше една позиција, после денешниот состанок имаме нова позиција, се надевам дека деновиве ќе имаме друга позиција. Се уште траат преговроите, нема да завршат денеска, можеби ќе траат и во текот на викендот. Инаку како Влада сакаме што пониска камата за компаниите. Таа е камата за компаните, не е за нас. Банките бараат 3,25 проценти, сега се приближуваме кон нулата, ќе видиме кај ќе стигнеме, рече Мицкоски, по отворањето на Македонската вечер во рамки на „Винска визија на Отворен Балкан“ во Белград.
Како што јави известувачот на МИА од Белград, Мицкоски истакна дека целта е бизнисот да добие што е множно пониска камата стапка.
Бараме нула проценти затоа што тоа ќе биде каматна стапка за бизнисот, ние сакаме бизнисот да добие што е множно пониска камата стапка, ние рековме овие 3,25 проценти ќе ги плаќаме ние како држава. Можеби финансиската состојба на пазарите ќе биде таква да за две три години издадеме еврообврзница за каматна стапка од 1, или 1,5 проценти, па ќе ја земеме, па ќе го вратиме порано кредитот, тоа е наша одлука како Влада. Ние сега преговараме со банките за онаа каматна стапка што ќе ја плаќаат компаните, односно бизнисот, економијата. Нам ни одговара нула, да не плаќаат, да добијат пари, да вложат во својот бизнис, и потоа да креираат нови работни места итн…, изјави Мицкоски.
Министерката за финансии Гордана Димитриеска Кочоска претходно изјави дека по состаноците на Министерството за финансии со секоја од банките поединечно, тие денеска на завршен состанок треба да ги додефинираат работите за парите од унгарскиот заем.
Според Димитриеска Кочоска, се чека конечен одговор од банките за каматата што ќе биде пониска од 3,25 проценти, додека рокот останува и голем дел од банките кажале дека нема проблем за давање до три години грејс период и до 15 години отплата.
– Во однос на каматната стапка, секоја од нив имаше свои предлози. Ги замолив денеска да се договорат и дадат конечен предлог што ќе биде понизок од 3,25 проценти, изјави Кочоска, одговарајќи на новинарски прашања.