
Премиерот Христијан Мицкоски, на настанот организиран од Атлантскиот совет во Вашингтон, посветен на иднината на транс-атлантските релации на Западен Балкан, испрати силна порака за напорите на Македонија во евроатлантските интеграции и разочарувањата што следувале.
“Ние како нација направивме сé што можевме, претрпевме многу понижувања и прифативме многу лоши договори заради нашата европска перспектива и заради членството во НАТО”, истакна Мицкоски.
Тој нагласи дека граѓаните на Македонија се соочуваат со огромни фрустрации, бидејќи во минатото, многу високи претставници од ЕУ и НАТО ги уверувале дека со промена на името, земјата ќе добие членство во НАТО и ќе ги почне преговорите со ЕУ.
„Тие 4-5 години поминаа пред две години, а ние сме во иста ситуација како пред 20 години. Во меѓувреме, го променивме знамето, валутата, името, и сé, а денес повторно сме соочени со ново барање – промена на Уставот без никаква гаранција за евроинтегративниот пат”, истакна Мицкоски.
Тој потенцираше дека такви примери на постојани барања и отстапки нема во ниту една друга европска земја. „Ако Pacta sunt servanda (договорите мора да се почитуваат) важи за нас, тогаш треба да важи за сите. Ако ние испорачуваме, очекуваме и другите да испорачаат”, додаде премиерот.
Во однос на внесувањето на бугарската заедница во Уставот, Мицкоски посочи дека тоа можеби не изгледа како голем проблем, но прашањето е зошто тоа треба да се направи и дали е поврзано со човековите права.
„Во последните години, Европскиот суд за човекови права во Стразбур има донесено 14 пресуди за прекршување на правата на македонската заедница во Бугарија, а ниту една за бугарската заедница во Македонија. Како да им го објасниме ова на граѓаните?”, запраша Мицкоски, нагласувајќи дека стравува оти барањата кон Македонија никогаш нема да престанат.
Тој порача дека фокусот на евроинтеграциите треба да биде на заедничките вредности, економијата, образованието и модернизацијата, наместо на историски прашања. „Ако институциите на Брисел се злоупотребуваат за билатерални прашања, тоа е спротивно на визијата на основачите на Европската унија”, заклучи премиерот Мицкоски во Вашингтон.