Утрински Весник
Македонија

Мицкоски: Повеќе од 50 предмети за висока корупција кои со години биле затскриени се во постапка, ова е само почеток, украденото мора да се врати кај народот

44ae9918 4202 f5f5 7d84 7bc92cde2437.jpg

Премиерот Христијан Мицкоски денеска на конститутивната седница на Националниот совет за финансиски истраги и конфискација на имот порача дека државата влегува во решителна и системска борба против криминалот и корупцијата, без селективност и без заштитени поединци.

Мицкоски нагласи дека Советот не е формално тело, туку механизам преку кој борбата против корупцијата ќе добие конкретна и мерлива завршница. Според него, Владата веќе покажала дека не се задоволува со декларации, туку дејствува преку отворање на над 50 предмети за висока корупција, кои со години биле занемарувани или одложувани.

„Нема селективна правда. Нема недопирливи. Нема заштитени“, порача премиерот, додавајќи дека ова е само почеток и дека следуваат нови истраги и постапки кои треба да ја вратат довербата на граѓаните во институциите.

Тој истакна дека клучен услов за успех е зајакнување на судството и обвинителството – кадровски, институционално и функционално. Само независни и професионални правосудни институции, како што рече, можат да обезбедат ефикасна и правична правда.

Мицкоски посебно нагласи дека борбата против корупцијата не смее да заврши со кривична пресуда, туку мора да резултира со одземање на незаконски стекнатиот имот. „Криминалот не смее да се исплати. Украденото мора да се врати кај народот“, порача тој.

Во таа насока беше потенцирана и Стратегијата за периодот 2025–2028 година, која предвидува три клучни насоки: откривање и следење на незаконски стекнатиот имот, негово брзо и законско одземање, како и ефикасно управување со конфискуваниот имот, вклучително и негова повторна употреба за социјални и јавни цели.

Националниот совет, кој ќе работи под координација на потпретседателот на Владата задолжен за добро владеење, ќе има улога да ги усогласи активностите на институциите и да обезбеди системска примена на политиките за финансиски истраги и конфискација.

„Ова е борба за правна држава, за доверба и за достоинството на граѓаните. И во таа борба нема да отстапиме“, порача премиерот Мицкоски.

Можете да прочитате

Мајка на загинато момче од „Пулс“ го обвини сведокот за лажен исказ

Две лица осомничени за злоупотреба на лични податоци и финансиска измама

Средба на министерот Муцунски со Македонци кои живеат и работат во Обединетите Арапски Емирати