При денешната посета на општина Карбинци, претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, одговарајќи на новинарско прашање во однос на тоа што Османи кажа дека еден ден ќе се разбуди кога на телевизија ќе види како поминуваат уставните измени, истакна дека Османи има лоша смисла за хумор и метафорите никој не му ги разбира.
Мицкоски потенцира дека уставни измени под диктати нема да има, го охрабри Османи за предвремени избори и му посака мирен сон по сè што тој ѝ направил на Македонија.
„Смислата за хумор на Бујар Османи не му била добра карактерна особина и честопати неговите метафори преку лошата смисла за хумор не се добро разбрани ниту од мене ниту од јавноста бидејќи не знаеме што сака со тоа да каже“, рече Мицкоски и дополни „ВМРО-ДПМНЕ диктати не прифаќа, како што е овој бугарскиот диктат дека ако се реферира на уставните измени, такви уставни измени нема да има. Нека се охрабри да одиме на предвремени парламентарни избори, да го слушнеме народот што има да каже за политиките на оваа Влада и она што ВМРО-ДПМНЕ ќе го понуди, па потоа можеме да размислуваме за многу други работи. На крајот, важно е тој мирно да спие и што побргу да се разбуди од својот сон, но не како министер за надворешни работи, туку на некое друго место по сè ова што им го направи на Македонија и на македонскиот народ, јас му посакувам мирен сон“, нагласи Мицкоски.