
„Главните два потока со кои се полни буџетот се приходите кои доаѓаат од Царинската управа и УЈП. Можам да кажам дека заедно со министерката за финансии имаме личен фокус на работењето на овие две институции и можам да кажам дека овој јули, конечно после оној период на стабилизирање и заздравување на македонската економија и двете институции забележаа исклучително добри резултати”, изјави премиерот Христијан Мицкоски на новинарско прашање за нивото на приходи кои ги оствариле царинската управа и УЈП во изминатиот период.
„Царинската управа успеа да забележи приходи од околу 12,6 милијарди денари, што преставува рекорд во историска смисла, што не се случил никогаш откако постои. Покрај одредени високи пикови на горивата и нафтените деривати во минатото, и покрај некоја просечна цена што сега ја имаат и приходите од акцизата кои што, би рекол се помали бидејќи тие ја следат цената на нафтата и нафтените деривати, царината успеа да забележи повеќе од десетина милиони евра приходи, од истиот месец минатата година. Тоа е добар резултат, да не речам одличен. Минатата година во јули месец беше прв месец на новиот менаџмент во царината и стигнаа близу 12 милијарди, оваа година натфрлија 12,6. Истото тоа се случува и во Управата за јавни приходи која што има некаде близу милијарда повеќе наплатено во споредба со истиот месец минатата година, некаде околу 960 милиони мислам беше. Притоа имаме поголем нето ефект за 7-8% споредено со минатата година, со тоа што повратот на ДДВ е поголем за 37% споредено со истиот месец минатата година. Значи двете институции бележат вонредни историски резултати. Тоа значи дека се работи на намалување на сивата економија и се работи на зголемување на дисциплината”, рече премиерот Мицкоски.
Тој им честиташе на двете институции и најави дека зголемените приходи ќе значат и повеќе инвестиции во државата.
„Ние мора да се грижиме и да ги почитуваме законите, затоа што како се полни буџетот, така се инвестира. Така граѓаните ќе имаат подобри медицински услуги, подобро образование, земјоделците ќе имаат повеќе за субвенции, пензионерите за пензии, за поддршка на бизнисот, за повеќе работни места, за подобро платени работни места, повеќе за младите и слично. Овој месец јас сум прилично задоволен. Но тука не застануваме. Моите насоки, денес пред овој настан и со едниот и со другиот директор, беа да продолжиме со истата динамика и низ таа оптика до крајот на годината да се движиме, да дојдеме до оној резултат кој го очекуваме”, заклучи Мицкоски.