Утрински Весник
Македонија

Мицкоски од Тетово: Една од првите мерки во првите 100 дена од новата влада ќе биде намалувањето на даноците на профит

Hristijan Mickoski 19.06.2024.jpg

Интегрален текст од обраќање на Христијан Мицкоски, претседател на ВМРО-ДПМНЕ:

Почитуван менаџмент на компанијата Киел,

Почитувана амбасадорке на Сојузна Република Германија г-ѓа Петра Дрекслер

Уважени гости, дами и господа,

Задоволството е големо што имам можност да присуствувам на стартот на една нова и надоградена приказна изразена во новата инвестиција на компанијата Киел.

Во едни вакви тешки времиња би рекол дека не само што е мудра, туку и навистина смела одлука да се инвестира во државата.

И во таа смисла јас како човек кој за скоро очекувам да ја добијам парламентарната поддршка за водење на идната влада имам изразена намера да придонесам и активно поддржам секаков процес кој ќе значи нови работни места, повеќе пари во македонската економиjа, успешни бизнис приказни кои ќе ја потврдат мојата искрена намера преку инвестиции, преку развој и технолошки прогрес да ја враќаме државата на народот, контролата во негови раце и да создаваме среќна иднина за сите.

Целосно сум свесен за предизвиците кои престојат и реформите кои мора да се преземат.

Корупцијата и борбата против криминалот ќе биде нашиот примат и секој инвеститор мора да биде стопроцентно уверен дека државата ја гарантира заштитата од неморални и коруптивни притисоци и настојувања.

Никој не смее да биде над законот, исто како што никој не смее да помисли да ја одземе иднината и работите кои ја создаваат иднината.

Новата влада ќе биде партнер на стопанствениците.

Заедно да создаваме и да придонесуваме за подобар живот.

Јас сум за што повеќе инвестиции кои го зголемуваат животниот стандард, а ова е борбата за подобар живот на сите граѓани.

Македонија се сака со дела и тоа е најдобриот одговор за сите кои во политиката прават етнички поделби, креваат ѕидови и создаваат омраза.

Да имаме натпревар на идеи, наместо натпревар во шовинизам и радикализам.

Со работа, со решенија и креирање конкретни работи се сакаат и се бори за благосостојбата на Македонците, Албанците, Турците, Ромите, Србите, Власите, Бошњаците и сите останати.

Една од првите мерки во првите 100 дена од новата влада ќе биде намалувањето на даноците на профит. На тој начин ќе се помогне на бизнисот и ќе се обезбедат повеќе пари во економијата.

Ќе има кратење на административните процедури и отстранување на бариерите кои го попречуваат бизнисот.

На крајот дозволете ми да им честитам на инвеститорите за храбрата одлука, во мене гледате човек кој сака да ви помогне и заедно да направиме Македонија да биде подобро место за живеење. За сите вас. 

Можете да прочитате

Битиќи: Над 75% од граѓаните се за членство во ЕУ, власта да каже која е алтернативата

Приведен разбојник во Гостивар за издржување на тригодишна затворска казна

Возило излетало од коловозот, тешко повредени момче и девојка